Протестите на „жолтите елеци“ во Франција од кои составен дел претставуваат судирите со полицијата и оштетувањето на бројни објекти и споменици, го поттикнаа создавањето на контрадвижењето на „црвените шалови“, кое бара прекин на насилството и „одбрана на демократијата и на институциите“.
Движењето на „жолтите елеци“ беше создадено во ноември, како резултат на незадоволството од најавеното зголемување на цените на горивата, додека „црвените шалови“ се групираа на Фејсбук веќе наредниот месец, со што сега имаат околу 21 илјада членови на социјалната мрежа. Заедничко за спротиставените движења претставува организирањето преку Интернет.
– На луѓето им здодеа од блокадите на патиштата. Тие се лоши за бизнисот, a децата се спречени навреме да одат на училиште – кажа гласноговорникот на „црвените шалови“ Алекс Брун.
Ова движење неодамна објави заедничко соопштение поддржано и од други групи што ги делат истите ставови, меѓу кои се и „сините елеци“.
– Ја отфрламе бунтовничката клима создадена од „жолтите елеци“. Исто така ги отфрламе заканите и постојаните вербални навреди насочени кон луѓето што не припаѓаат на „жолтите елеци“ – беше напишано во заедничкиот манифест.
Но, француските медиуми известуваат дека постои поделба и меѓу „црвените шалови“ по прашањето дали треба да го поддржат францускиот претседател Емануел Макрон.
Еден од организаторите на протестот што се одржа во Париз во неделата (излегоа околу 10 илјади демонстранти), Лоран Солие, ги повикуваше „црвените шалови“ да го поддржат Макрон, додека Брун нагласи оти станува збор за „аполитичко граѓанско движење“. Дел од симпатизерите на „црвените шалови“ ги повикуваа истомислениците да не се приклучуваат на уличните протести, барајќи решавање на несогласувањата преку во државата преку „голема дебата“.
На протестот на „црвените шалови“ во Париз беа забележани паролите „И ние сме луѓе“, „Стоп на насилството“, „Ние не сме против жолтите елеци, ние сме за Републиката“, „Не ја допирајте Републиката“… Наспроти нив, околу 69 илјади „жолти елеци“ протестираа изминатиот викенд во Франција, но нивната бројност е во опаѓање. М.Ж.