Шпанија е последната земја од НАТО што допрва треба да го ратификува членството на нашата држава во Алијансата. Ратификацијата на македонското членство зависи токму од формирањето на новата влада во Мадрид

Шпанскиот парламент конечно ја одржа конститутивната седница по изборите, што се одржаа минатиот месец. Досегашниот премиер Педро Санчез и неговата Социјалистичка партија (ПСОЕ) постигнаа договор со радикалните левичари од Подемос за формирање коалициска влада, што претставува прв таков договор за поделба на власта во модерната историја на земјата. Сепак, таквата влада би имала само 155 мандати во парламентот, поради што за нејзиното именување ќе биде потребна поддршка од други партии, за да стигне до бројката од минимум 176 пратеници. Шпанија е последната земја од НАТО што допрва треба да го ратификува членството на Северна Македонија во Алијансата. Ратификацијата на македонското членство зависи токму од формирањето на новата влада во Мадрид, пренесуваат европските медиуми.

Во меѓувреме, преговарачкиот тим на Санчез ги почна разговорите со Републиканската левица на Каталонија (ЕРЦ), каталонската сепаратистичка партија што освои 13 места во парламентот, но оттаму засега одбиваат да ја дадат својата поддршка за новата влада. Во замена за поддршката, ЕРЦ бара разговори за каталонската криза, на кои најверојатно ќе се отвори и прашањето за нејзиното барање за референдум за самоопределување, што, пак, претставува табу-тема за Владата во Мадрид. Од ЕРЦ порачаа дека не им се брза да му помогнат на Санчез да се врати на премиерската функција.

– Во текот на нашата средба тие објаснија дека работат со забрзана агенда, а ние им порачавме дека не ни се брза – изјави портпаролката на ЕРЦ, Марта Вилалта, алудирајќи на желбата на ПСОЕ да формира влада пред божиќните празници.
Вилалта, сепак, порача дека по првата средба помеѓу преговарачките тимови има расположение за разговори. Таа инсистира дека е важно ПСОЕ да признае дека има политички конфликт во Каталонија.

Изборите од 10 ноември му донесоа победа на Санчез, но тој не успеа да освои мнозинство. Нему и понатаму му е потребна поддршка или апстиненција од другите политички партии во парламентот во текот на двата круга гласање за избор на новата влада, кои мора да се одржат во наредните неколку недели. Доколку не ја обезбеди оваа поддршка, тоа може да доведе до нови повторени избори во земјата што одржа четири парламентарни избори во изминатите четири години, што, пак, јасно ја отсликува големата политичка фрагментација во Шпанија. ПСОЕ бара апстиненција на седницата ЕРЦ, чиј лидер Ориол Јункерас неодамна беше осуден на затворска казна поради неговата улога во обидот за прогласување на независност на Каталонија во 2018 година. Во меѓувреме, Санчез побара апстиненција и од Народната партија (НП) и од движењето „Граѓаните“.

На првото гласање за избор на влада, Санчез мора да обезбеди апсолутно мнозинство. Доколку не успее да го стори тоа, во вториот круг му е потребно само просто мнозинство, затоа во игра е и опцијата со апстиненција од другите партии.
– Доколку не сакаме повторени избори, мораме да избереме влада, а за тоа ќе биде потребно некој да апстинира. Ако НП не сака да апстинира, тогаш ќе видиме кој друг сака. Можеби не ни се допаѓа тоа, но таква е ситуацијата. Зошто НП, која толку многу се жали за одлучувачкото влијание на сепаратистите, не помогне во изборот – порача Жозеп Борел, вршителот на должност министер за надворешни работи.

Од друга страна, шпанското МНР не одговори на прашањето на агенцијата БИРН за тоа дали и кога земјата ќе го ратификува протоколот за членството на Северна Македонија во НАТО.


„Тешко е да се предвиди кога Шпанија ќе добие нова влада“

Политичкиот аналитичар на „Ел пас“, Даниел Гаскоњ, смета дека е многу тешко да се предвиди кога и дали воопшто ќе се формира нова влада во Мадрид.
– Шпанската политика е полна со изненадувања во последно време. Денеска изгледа е тешко да се поверува дека ќе имаме влада пред крајот на годината, но тоа може да се промени. Подемос и ПСОЕ не можеа да се договорат за коалициска влада цели шест месеци, а по новите избори тоа го сторија за помалку од 48 часа. Доколку не успее првиот обид за избор на премиер, следуваат два месеца за другите опции. Ако не успее ни тоа, парламентот ќе биде распуштен и ќе следуваат нови избори напролет – додава Гаскоњ во изјавата за БИРН.