Венецуелскиот претседател Николас Мадуро објави тревога во воените единици заради планови на опозицијата да изврши атентат врз него и ги повика одредите на народен отпор да се приклучат на Колективос – вооружени провладини групи. Претседателот тоа го изјави во телефонското интервју за телевизијата „Венесолана де телевисион”.
-Знам за нивните криминални планови, на оние кои денес раководат со опозицијата, за плановите за мое убиство- изјави Мадуро. Поради тоа, како што вели Мадуро, била донесена одлука да се објави „тревога во воените единици во земјата” и максимално да се активира „разузнавачката и контраразузнавачката активност”.
Приклучувањето на силите на народниот отпор кон „Колективос“, Мадуро го објасни со потребата да се „зачува мирот” во населените места. Според него, оваа мерка е „уставна, правна и неопходна” и, како што вели, не треба да им се дозволи на „платениците“ противници на сегашната власт, да предизвикаат изблици на насилство.
Венецуелскиот претседател, исто така, потенцира дека актуелната опозиција во земјата е „најкриминална” во последните 20 години. Тој уште еднаш ги обвини политичките противници во земјата и американската Влада дека се поврзани со диверзиите во енергетските објекти во Венецуела, што предизвика сериозни проблеми со струјата.
Во Каракас и другите градови во Венецуела кон крајот на март почнаа протести на граѓаните поради недостаток на вода и електрична енергија. Според податоците на невладиниот сектор, од 29 март до 1 април, речиси 50 лица се уапсени. Во голем број случаи, демонстрантите се судрија со полициски и провладини групи, но засега нема информации за жртви.