Демонстрациите во Хонгконг продолжија со насилен судир, по мирните повеќенеделни протести против законот за екстрадиција. Ситуацијата ескалирала откако полицијата ги потиснала демонстрантите во луксузниот трговски центар во Ша Тин, употребувајќи палки и солзавец, а демонстрантите се бранеле со чадори. Уапсени биле неколку демонстранти, пренесува „Гардијан“.
Ситуацијата ескалирала по краткото едночасовно примирје, а полицијата била испровоцирана од мал дел демонстранти кои фрлале со предмети а исто така употребиле железни огради како бариера. Досега 40 демонстранти биле уапсени, а околу 10 полицајци се повредени.
Од 9 јуни, Хонгконг е зафатен од најголемата политичка криза досега, а илјадници излегоа да го изразат своето незадоволство. Тие имаат пет барања кои треба целосно да бидат исполнети – повлекување на законот за екстрадиција, повлекување на обвиненијата за немирите на 12 јуни, ослободување на сите уапсени демонстранти, формирање на независна истражна комисија за полициското однесување, како и добивање универзално право на глас.
Лидерот на Хонгконг не го избираат обичните гласачи, тој е биран од комитет кој одговара пред Пекинг. Само половина од 70-те членови на законодавниот дом се директно одбрани со право на глас, додека другите 35 места се резервирани главно за оние кои се провладини претставници и дел од корпоративни групи.