Белорускиот претседател Александар Лукашенко најави откривање на терористички ќелии во Белорусија за кои тврди дека се поврзани со Западот и ги обвинува за подготовка на државен удар.
– Заспаните терористички ќелии се разоткриени денес – рече Лукашенко, пренесува неговата прес-служба.
Тој тврди дека целта на овие ќелии, поврзани со Германија, Украина, САД, Полска и Литванија е да го соборат од власт со сила.
Лукашенко вели дека огромна количина оружје се слева од Украина кон Белорусија и најави дека им наредил на граничарите да ја затворат границата со Украина.
Белорускиот претседател е на власт скоро 27 години, а во последно време постојано го обвинува Западот дека сака да ја дестабилизира неговата земја со цел да го симне од власт.
Изјавите дојдоа откако Белорусија во понеделникот објави дека го прекинува учеството во Источното партнерство на ЕУ и го повика својот амбасадор од Брисел како одговор на европските санкции воведени во врска со политичката репресија во земјата.
Тензиите меѓу Минск и Европејците се зголемија по големите пост-изборни протести во 2020 година и насилството на протестите, а потоа и со пресретнувањето на патничкиот авион од кој беше уапсен опозициски новинар.
Белорусија територијално е пред портите на Европската унија и се граничи со нејзините членки, Полска и Литванија.