Социјалдемократот Лорентино Кортизо на претседателските избори во Панама го победи десничарскиот противник Ромуло Ру со само два отсто предност, соопшти денеска судот.
По неколку часа неизвесност, судот во Панама ја прогласи победата на Кортизо на претседателските избори. Новиот претседател ќе има петгодишен мандат.
По пребројувањето на 92,51 отсто од гласовите, судот соопшти дека Кортизо бил победник со околу 40.000 гласови повеќе од противникот. Социјалдемократите освоија 33,08% од гласовите, а Ру 31,06%.
Изборите во Панама имаат само еден круг, а победник е оној кој ќе освои најмногу гласови, без разлика колку.
Кортизо (66) беше министер за време на претседателот Мартин Торихос (2004-2009), но поднесе оставка бидејќи не се согласуваше со договорот за слободна трговија со САД.
Социјалдемократот, кој важеше за фаворит, во текот на кампањата вети подобрување на образовниот систем, економски реформи и борба против сиромаштијата и нееднаквоста.