Лидерот на Ал каеда Ајман ал Завахири ги повика денес муслиманите да нападнат американски, европски, израелски и руски цели, по повод 18-годишнината од терористичките напади од 11 септември.
Во видеото што го објави милитантната група Ал Завахири ги критикува „повратниците“ од џихадот, што се однесува на поранешните џихадисти кои ги промениле своите ставови во затвор.
– Ако сакате џихадот да се фокусира само на воени цели, американската војска е присутна низ целиот свет, од исток до запад. Вашите земји се полни со американски бази, со сите неверници и корупцијата што ја шират – рече тој.
Во координираните киднапирања на Ал каеда на 11 септември 2001 загинаа речиси 3.000 луѓе, кога грабнатите авиони удрија во Светскиот трговски центар и Пентагон, а третиот падна во поле во Пенсилванија.
Ал Завахири, кој е Египќанец, стана лидер на Ал каеда по убиството на Осама бин Ладен во 2011 година. Се смета дека тој се крие некаде во пограничниот дел меѓу Авганистан и Пакистан.