Израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман изјави денеска дека „нема невини“ во појасот Газа, каде што израелската војска усмрти 30 Палестинци за само 10 дена, заради што се наоѓа под жестоки критики од страна на борците за заштита на човековите права.
Поголем број Палестинци се убиени за време на организираните протести на границата меѓу Газа и Израел, на кои се бараше враќање на палестинските бегалци протерани од својата земја со основањето на државата Израел во 1948 година.
„Нема невини во појасот Газа. Сите се поврзани со Хамас, исламистичко движење што ја контролира енклавата меѓу Израел, Египет и Средоземното море“, обвини Либерман.
Израел се соочи со жестока критика од организациите за заштита на човековите права, вклучително и на оние од Израел, бидејќи користел боева муниција против демонстрантите.