Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска оцени дека американско-британско-францускиот ракетен напад врз Сирија е „нелегитимен и неприфатлив“.
– Ќе разговараме за тоа како западните партнери ја оправдуваат својата целосно нелегитимна и неприфатлива операција. Американскиот претседател, британската премиерка и францускиот претседател тврдеа дека имаат несоборливи докази дека во Дума било користено хемиско оружје, и дека тоа го сторил Башар ал Асад – изјави Лавров.
Русија до Советот за безбедност на Обединетите нации денеска достави резолуција со која се осудува „агресијата на САД и на нејзините сојузници против Сириската Арапска Република и кршењето на меѓународното право и повелбата на ОН“.
Како одговор, американската армија ја обвини Русија дека масовно шири дезинформации преку социјалните мрежи. Според портпаролката на Пентагон Дејна Вајт, бројот на руски таканречени „тролови“ кои шират дезинформации на интернет се зголемил за 2.000 пати по ракетните напади врз Сирија. Главни тврдења кои се шират, обвини Вајт, се дека повеќето ракети истрелани кон Сирија биле соборени и дека хемискиот напад во Дума бил исцениран од западните земји.