Лидерот на британските лабуристи Џереми Корбин презеде уште еден чекор кон нов референдум за членство на Велика Британија во Европската унија(ЕУ), обидувајќи се да го искористи за парламентот за преземање на контрола врз брегзит од премиерката Тереза Меј.
Остануваат нешто повеќе од два месеца до 29 март, законски одреден датум за излез на Велика Британија од ЕУ, а во Лондон трае најдлабоката политичка криза речиси половина век.
Британскиот политички врв неуспешно се обидува да се договори како, ако и воопшто, да го напушти европскиот проект на кој Велика Британија му се приклучи во 1973 година.
Откако минатата недела парламентот со 432 гласа „против“ и 202 „за“ го отфрли договорот што премиерката го постигна со Брисел, пратениците се обидуваат да пронајдат излез од моменталната криза, но и натаму не се гледа поддршка на мнозинството во парламентот.
Лабуристите денеска предложија амандман со кој владата би била принудена на парламентот да му овозможи време за разгледување и гласање за опциите за стопирање на излезот од Унијата без договор, што вклучува царинска унија со ЕУ и гласање за договорот.
– Време е алтернативниот план на лабуристите да ја преземе сцената, а да се задржат сите други опции, вклучувајќи ја онаа за референдумот – рече Корбин.
Ова е првпат водството на лабуристите во парламентот да ја предложи можноста за втор референдум, што го поздравија некои противници на брегзит.
Но, од оваа партија предупредуваат дека тоа не значи дека поддржува уште едно гласање, а пратениците предупредија дека амандманот нема да добие доволна поддршка во парламентот.