Кујтим Фејзулаи, кој е осомничен за терористичкиот напад во центарот на Виена, во кој на 2 ноември беа убиени четворица, а ранети повеќе од 20 лица, работел во компанија која се занимавала со обезбедување на болници, пренесува австриската агенција АПА.
Неговиот долгогодишен пријател, кој се наоѓа во истражен затвор затоа што е осомничен за соучесништво, рекол дека Фејзулаи, при првиот карантин на Австрија поради коронавирусот, бил вработен и примал минимална плата, како обезбедување во болница. Тој немал работен однос со болницата, туку со компанијата што ја презела работата за обезбедување на здравствената установа.
Според протоколот од сослушувањето, што го пренесува агенцијата АПА, компанијата што му ја дала работата, преку група на „Ватсап“, на дневна основа организирала луѓе да ги обезбедуваат објектите. Осомничениот исто така изјавил дека Фејзулаи му понудил да заработи пари со обезбедување на објектите, но тој го одбил.
Инаку, мистеријата за тоа како стигнал до центарот на Виена најверојатно е решена, бидејќи сооред последните сознанија Фејзулаи наводно користел „Убер“ за да стигне до местото на злосторството.