Политиката на ЕУ за отворени врати за мигрантите беше погрешна, рече австрискиот канцелар Себастијан Курц во интервју за словенечкиот портал „Сиол“ и изрази задоволство што членките на ЕУ денес имаат поинаква позиција.
Во интервју за словенечкиот информативен портал, Курц истакна дека илегалната миграција и борбата против коронавирусот се главните предизвици со кои се соочува ЕУ.
Според австрискиот канцелар, политиката на отворени врати од времето на првиот голем мигрантски бран во 2015/2016 година, бил погрешен сигнал испратен до луѓето кои ги напуштиле своите земји и многумина од нив настрадале на патот кон Европа.
– Проблемот со илегалната миграција е далеку од решен. Има сè повеќе тешкотии со земјите на надворешните граници на ЕУ, мислам пред сè на Турција – рече Курц и додаде дека ЕУ направила грешка пред пет години, кога нејзината политика на „отворени врати“ им овозможила на бегалците и мигрантите масовно да влезат во Европа.
„Европа тогаш направи грешка, таа одлука не беше вистинска и јас сум задоволен што денес имаме поинаква позиција“, рече Курц.
– Денес целта на Европската унија е да ги заштити нејзините надворешни граници – посочи тој во интервјуто за време на работната посета на Словенија, додавајќи дека за таа позиција добил поддршка и од словенечкиот премиер Јанез Јанша.
„Важно е ЕУ да постапува според принципот на супсидијарност, да е блиска со нејзините граѓани. Мислам дека главниот предизвик за ЕУ ќе биде успешно справување со илегалната миграција“, рече тој.