Маркус Содер

Баварскиот премиер Маркус Содер порача дека законот има цел да го зајакне баварскиот идентитет по зголемениот број муслимански имигранти. Баварија беше прва на удар во текот на бегалската криза во 2015 година, кога речиси милион лица, кои побараа засолниште во Германија, влегоа во неа преку Баварија што, пак, предизвика раст на рејтингот на антиимигрантската партија Алтернатива за Германија (АФД)

Контроверзниот закон за задолжително поставување христијански крст на влезот од сите јавни институции во Баварија и натаму ја бранува германската јавност. И покрај противењето на истакнати членови на Католичката црква и водечки теолози, Законот за крстовите стапи во сила во петокот. Баварскиот премиер Маркус Содер порача дека законот има цел да го зајакне баварскиот идентитет по зголемениот број муслимански имигранти. Баварија беше прва на удар во текот на бегалската криза во 2015 година, кога речиси милион лица, кои побараа засолниште во Германија, влегоа во неа преку Баварија што, пак, предизвика раст на рејтингот на антиимигрантската партија Алтернатива за Германија (АФД), пренесуваат европските медиуми.

Содер пред телевизиските камери закачи крст на влезот од својата канцеларија и истакна дека луѓето имаат желба да го истакнат својот идентитет. Ваквиот чекор предизвика протести во некои кругови во Баварија, особено меѓу членовите на Католичката црква, вклучувајќи и кардинали и бискупи, кои го нарекуваат раздорен, наведува британски „Гардијан“.
– Крстот е вистински религиозен симбол и не би требало да биде сведен на фолклорен објект и регионален обичај – изјави Франц Јунг, бискупот на Вирцбург.
За протестантскиот теолог Јохана Хаберер, новиот закон е грешка и злоупотребување на верските симболи.
– Имаме доволно крстови во Баварија. Содер го инструментализира и злоупотребува крстот како религиски симболи – додава Хаберер.
Експертот Томас Шилер за „Дојче веле“ наведува дека оној што на тој начин политички го инструментализира крстот, не го сфаќа ни малку неговото значење на „трн в око на моќниците и знак на надеж за слабите и обесправените“.
– Одлуката за крстот во уставноправна смисла е на граница, затоа што таа може да значи преголема идентификација со една религија, а државата мора да биде неутрална во таа смисла – оценува Шилер.

Од друга страна, пак, баварскиот премиер Содер повеќепати порача дека крстот не смее да се смета како религиозен симбол, туку како централен културен симбол за идентитетот на Баварија. Баварија е една од земјите со најгуста концентрација на католици во Европа. На последниот попис дури 50 отсто од граѓаните се изјасниле за католици, додека, пак, 19 проценти се протестанти и четири отсто се муслимани. Сепак бројот на католиците во Баварија е значително намален по 1970-тите години, кога околу 70 проценти од баварците се декларирале како католици. Најновата анкета на „Инфратест димап“ покажува дека 45 отсто од баварците го поддржуваат Законот за крстот, додека, пак, 38 проценти се против таквата одлука. Дури 77 отсто од гласачите на ултрадесничарската АФД го одобруваат законот, а поддршката за него е исто така висока и кај приврзаниците на ЦСУ – 71 процент.
Интересно е тоа што некои јавни институции во Баварија, како што се училиштата и музеите, соопштија дека ќе ја игнорираат ваквата одлука на Владата и покрај потенцијалните правни последици. Студентските организации од повеќе универзитети низ регионот исто така најавија протести.


Крстовите ја тресеа Баварија и во 1990-тите

Најновиот судир околу крстот во Баварија потсетува на огорчениот конфликт од 1990-тите. Уставниот суд по повеќегодишен правен спор тогаш ја прогласи за противуставна одлуката на Баварија за поставување крстови во секоја училница во едно баварско народно училиште. Тоа предизвика огорченост во Баварија и доведе до големи демонстрации во Минхен, на кои католичките бискупи и политичарите на ЦСУ заедно предупредуваа на ограничување на слободата на вероисповед. На крајот, крстот во големиот дел случаи остана во училниците. Но, според официјалното правило, во „атипични исклучоци“ крстот се симнува од ѕидот – значи доколку наставникот или родителите инсистираат на отстранување, наведува „Дојче веле“.