Клучните сојузници на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, предводени од Русија и Кина, ги предупредија САД да не спроведат „надворешна интервенција“ како знак за поддршка на лидерот на опозицијата во земјата Хуан Гуаидо, пренесува „Гардијан“. Русија преку заменикот шеф на дипломатијата Сергеј Рјабков денес даде силна поддршка за владата на Мадуро, велејќи дека воена интервенција на САД во Венецуела би била „катастрофа“.
– Додека ние ја следиме ситуацијата во Венецуела, гледаме напори на друга држави меѓу кои и САД, дека користат разни платформи меѓу кои и Организацијата на американски држави, за вршење притисок врз нашата пријателска Венецуела со разни предлози – нагласи Рјабков.
Рјабков додаде дека Русија ја поддржува Венецуела и ќе ја поддржува и ќе биде на страната на одбраната на суверенитетот и принципите за немешање во внатрешните работи на една држава.
Важно е да се напомене дека Русија дава важна финансиска поддршка на Владата во Венецуела преку кредити кои вредат и по неколку милијарди, дел од нив како авансна уплата за идни испораки на нафта. Во декември, Русија како дополнителен знак на поддршка за Венецуела испрати и два авиони „Ту-160“ кои имаат можност да пренесуваат и нуклеарно оружје.
Кремлин досега нема официјален коментар за кризата во Венецуела, но други претставници на рускиот естаблишмент јавно го поддржаа Мадуро. Еден од тие поддржувачи беше и Вјачеслав Володин, спикерот во долниот дом во рускиот парламент, кој го нарече обидот на првиот човек на опозицијата во Венецуела Гуаидо да го преземе претседателството како „нелегален“. Франц Клинцевич, кој е пензиониран полковник смета дека Русија би требало воено да интервенира во Венецуела доколку Мадуро нелегално ја изгуби власта, а пратеникот Андреи Климов смета дека САД спроведува нова „револуција“ против лидерот на државата.
Кина исто така ја поддржа моменталната Влада во Венецуела, во борбата, според нив, за заштита на суверенитетот, независноста и стабилност, а тоа на краток брифинг за медиумите го потврди и портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи.
– Сакам да нагласам дека надворешни санкции и вмешување од страна на други држави дополнително ја компликуваат ситуацијата и не се помагаат да се решат вистнските проблеми – изјави портпаролката Хуа Чунгјнг.
Венецуела е најблизок сојузник на Пекинг во Јужна Америка и држава која прима најмногу финансиски средства од Кина, поточно 38 милијарди фунти само во 2017 година. Јужноамериканската земја поголемиот дел од државните кредити ги има примено од Кина, па така се отвораат прашања за економијата во Венецуела. Доколку земјата доживее економски крах (што е многу веројатно), голем дел од државниот имот може да заврши во кинески раце, како што беше случај со пристаништето Хамбантота во Шри Ланка.
Според „Гардијан“, Кина застана за Мадуро поради тоа што доколку се случи промена на Владата во земјата, променетата власт не би ги почитувала долговите кон нив. Мадуро минатата година се сретна со претседателот на Кина, Кси Џипинг и тие договорија позајмица од 3,8 милијарди фунти, како и повеќе од 20 билатерални договори.
Дополнителна поддршка за Мадуро стигна и од Турција, Мексико одлучи да не коментира и да се вмеша во ситуацијата, Уругвај сѐ уште го признава Мадуро како претседател, а Иран преземањето на власта во земјата го карактеризираше како „незаконско“.
Од друга страна, Британија изрази поддршка за опозиционерот Гуидо, но за разлика од САД, не го прифати како привремен претседател.
За ситуацијата во земјата се огласи и генералниот секретар на ОН, Антониот Гутереш, кој ги повика венецуелските политички сили за дијалог за да се избегне катастрофа во земјата.
– Се надеваме дека дијалогот е можен за да се избегне ескалација што води кон конфликт што ќе биде катастрофа за населението во земјата и за регионот – изјави Гутереш на маргините на Светскиот економски форум во Давос. Тој посочи дека ОН се загрижени за ситуацијата во Венецуела и за страдањата на населението во оваа земја.
За време на владеењето на Мадуро, Венецуела западна во длабока економска криза која остави милиони луѓе во голема сиромаштија и сега во земјата се појавува и недостаток на продукти како што се храна и лекови.
Според проценките на Обединетите нации, околку 2,3 милиони луѓе ја напуштиле земјата од 2015 година, а Меѓународниот монетарен фонд изјави дека инфлацијата во Венецуела годинава ќе се искачи до 10 милиони проценти.