Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, предупреди дека Москва би можела да го прекине контактот со ЕУ во целост на одреден период поради неоснованите обвинувања, како што е труењето на Навални
По санкциите од ЕУ, Русија размислува да ги замрзне контактите
Дали Русија може да ги прекине во целост контактот со Европската Унија, како одговор на санкциите поради наводното труење на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, во август, но и за несогласувањата со Брисел во однос на случувањата во Белорусија. Ваквата дилема стана актуелна деновиве, откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупреди дека Москва би можела да го прекине контактот со ЕУ во целост на одреден период поради неоснованите обвинувања, како што е труењето на Навални, кои изминатиот период константно доаѓаат на адресата на Москва.
– Најверојатно едноставно ќе мораме привремено да прекинеме да разговараме со оние луѓе на Запад што се одговорни за надворешната политика и кои не ја разбираат потребата за дијалог со заемно почитување – рече Лавров на конференцијата за медиумите во Москва.
Рускиот министер укажа на неодамнешните изјави на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, за прекинот на партнерството со Русија и рече дека тоа сценарио ќе се оствари доколу тоа е она што го посакува ЕУ. Дополнително, постојаниот руски претставник во Европската Унија, Владимир Чизов, порача дека сега поради тоа односите помеѓу Брисел и Москва се на најниско ниво во последните неколку години. Инаку, изјавата на рускиот министер за надворешни работи Лавров следуваше ден откако министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ се согласија да воведат нови санкции за руските официјални лица и организации обвинети за труењето на Навални.
Претходно на состанокот на шефовите на дипломатиите на ЕУ минатиот понеделник во Луксембург, Франција и во Германија ги повикаа преостанатите членки на ЕУ да ги замрзнат имотите на оние што се осомничени за вмешаност во труењето на Навални и да им забранат да патуваат во Европа, за борба против употребата и ширењето на хемиското оружје. Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, и неговиот француски колега Жан-Ив ле Дриан извршија притисок за казнување на руските актери поради употреба на забрането хемиско оружје. Шефот на германската дипломатија Мас изрази задоволство поради заклучокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
– Мислам дека е исклучително важно при толку тешко злосторство, како прекршување на договорот за хемиско оружје, ЕУ да покаже единственост и таа денеска до направи тоа – изјави Мас.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, не сакаше да наведе детали за тоа кои лица ќе бидат погодени од санкциите. Борел изјави дека „не може целиот светоглед да се редуцира на овој несреќен настан со Алексеј Навални“. Според високиот претставник, ЕУ ќе мора и натаму да соработува со Русија, затоа што Москва игра важна улога во многу конфликти. Пред ова, германската влада на 2 септември соопшти дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е отруен со „новичок“, нервен агенс развиен во време на Советскиот Сојуз, а Кремљ ги негира овие обвинувања.