Пост-Меркел ерата веќе почна во Брисел
До германските избори има уште три месеци, но пост-Меркел ерата веќе почна во Брисел и нема да биде пријатна, наведува „Политико“. Самитот на Европскиот совет што заврши во петокот, речиси сигурно нема да биде постледниот од ваков вид за германската канцеларка која има најдолг стаж на функцијата меѓу лидерите во ЕУ (од 2005 година), бидејќи таа веројатно ќе претседава со средбите во ЕУ предвидени за октомври. Но, беше забележително дека се наближува нејзиното заминување од функцијата, додека лидерите во ЕУ се расправаа во врска со унгарскиот анти-ЛГБТ закон.
А главните учесници во расправијата беа другите лидери со долг стаж на нивните функции, холандскиот премиер Марк Руте и неговиот унгарски колега Виктор Обран кои се на власт од 2010 година.
Жестоката расправија во која холандскиот премиер сугерираше дека Унгарија треба да ја напушти ЕУ ако не ги почитува основните човекови права и слободи, претставуваше отпочнување на пошироката битка за вредностите на ЕУ, а го отвори и прашањето кој ќе го „обликува гласот“ на ЕУ кога Меркел ќе замине.
Меркел беше видива на транзицискиот самит, но во ЕУ ќе недостигаат нејзините способности и капацитет за поврзување на спротивставените страни, како што истакна искусен дипломат во ЕУ за „Политико“.
Многумина ја сметаа Меркел за лидерка на слободниот свет во времето кога Доналд Трамп беше во Белата куќа, а многумина во Европа се угледуваа и на нејзиниот цврст пристап во справувањето со бројните кризи – од долгот на еврозоната, па до пандемијата.
Меркел, чиј прекар во германската јавност, гласи мајка, набргу заминува, а пукнатините низ ЕУ се прошируваат. За Руте и за Обран самитот беше точка на вриење во судирот што тлее уште од минатото лето. За Меркел, пак, самитот беше последна прилика за да го искористи нејзиниот углед. А наближувањето на нејзиното заминување беше видливо и за време на расправата меѓу лидерите за политиката на ЕУ кон Русија. Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон се залагаа за самит со рускиот претседател Владимир Путин, а Полска и другите балтички држави жестоко се противеа и ја згаснаа можноста за таквиот план.
Повеќемина претставници во ЕУ веруваат дека предлогот за самит со Путин бил поради желбата на Меркел да остави одредено наследство во ЕУ, како и оти противењето на лидерите од Источна Европа на предлогот било полесно со оглед на претстојното напуштање на функцијата од страна на Меркел.
Меѓу најзначајните прашања за пост-Меркел ерата претставуваат значењето што промената ќе го има за претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, но и за Европскиот совет и за идното надминување на разликите во ЕУ. Особено бидејќи нема јасен кандидат што би ја заземал улогата на Меркел.