Русија често се посочува како главна закана за бившите советски земји, но нивните најголеми проблеми се корупцијата, невладеењето на правото и заткулисните судири, смета Томас де Вал, аналитичар од „Карнеги Европа“
Најголемиот непријател на постсоветските држави од Источна Европа, кој ги поткопува владите, ги урива економиите и ја зголемува општата нестабилност, не е Русија туку невладеењето на правото. Најголемите закани за земјите како Украина, Молдавија или Грузија не доаѓаат од Москва туку од неефикасното владеење, корупцијата, вонинституционалните политички сплетки и злоупотребата на функциите. Ваквите проблеми ги прават бившите советски земји уште поподложни на влијанието од моќниот источен сосед, но вината за последиците од нив лежи дома, а не во Русија, пишува Томас де Вал, аналитичар од „Карнеги Европа“, во европското издание на „Политико“.
Како што оценува тој, руската агресија претставува голема закана за Украина, а доволен пример за неа е заплената на три украински брода и нивните екипажи лани во Азовско Море. Но ваквите директни судири се исклучок, а не правило.
Најновите случувања во Грузија исто така се добар пример. Американската билатерална воена помош, како и долгоодложуваната продажба на противтенковски проектили на Грузија, ги ублажи стравовите на земјата од можна интервенција од Русија и ги намали барањата за членство во НАТО.
Односите меѓу Русија и Грузија значително се подобрија откако дипломатските односи беа прекинати по мини-војната во 2008 година, кога Москва го загуби директното влијание во Грузија и ја призна независноста на двете отцепени територии Абхазија и Јужна Осетија.
Деновиве најголемо прашање во Грузија не се заканите од Москва туку политичките интриги што ризикуваат да го загрозат најголемиот инфраструктурен проект во изминатите години, црноморското пристаниште со длабоки води во Анаклаја, нагласува Де Вал.
Пристаништето треба да биде отворено во 2020 година, а проектот треба да ја зацврсти позицијата на Грузија како значајна транзитна маршрута меѓу Истокот и Западот, овозможувајќи ѝ да прими големи товарни бродови и да го зајакне својот патнички и железнички сообраќај. Проектот привлече меѓународни поддржувачи. Првата фаза, чија вредност е 600 милиони долари, делумно е финансирана од група од четири меѓународни кредитори, а Европската комисија вети дека ќе помогне во финансирањето на втората фаза, вклучувајќи и разни патни и железнички врски. Со терминалот се очекува да управува „ССА Марин оф Сиетл“, главен оператор на пристаништа во САД.
Но неговата иднина во моментот е неизвесна. Проектот е тесно поврзан со поранешниот премиер Георги Квирикашвили, кој минатата година поднесе оставка по судирот со Бидзина Иванишвили, уште еден поранешен премиер и главен поддржувач на владејачката партија Грузиски сон.
За неодамнешната истрага за перење пари во ТБЦ, банката задолжена за пристанишниот проект, се тврди дека е политички мотивирана и дека можеби е одмазда на Иванишвили, кој сѐ уште има доволно моќ врз новата влада. Исто така, се тврди дека една од причините може да бидат бизнис-интересите на бившиот премиер или на неговите деловни пријатели во ривалското пристаниште Поти, за кое Владата најави проект за проширување.
Официјално, Владата на Грузија ја изрази својата целосна поддршка за Анаклија, а проектот има добри шанси да успее, бидејќи е премногу важен за земјата. Но неизвесноста предизвикана од борбата за власт веќе создаде нестабилност, што им овозможува на други фактори да се мешаат.
Еден од нив е и Русија. За Москва, Анаклија ќе биде конкурент на нејзините пристаништа во Црно Море. Исто така, таа се наоѓа преблиску до Абхазија, а еден руски коментатор оцени дека станува збор за таен воен проект на САД.
Ниту Турција не е воодушевена од проектот, зашто Анаклија ќе биде директен ривал на турските пристаништа во Црно Море. И додека Кинезите официјално го поддржуваат проектот, се шпекулира дека не се многу воодушевени од управувачката структура, особено откако наводно бил одбиен нивниот обид да го финансираат проектот и да раководат со пристаништето.
Политичките пресметки и заткулисните игри не се ништо ново за Грузија, која веќе долго време е управувана на таков начин, смета Де Вал.
Еден аналитичар за бившиот лидер Михаил Саакашвили, кој беше поддржан од многу западни земји, своевремено има изјавено дека тој имал една влада за прекуден, која разговарала со западните претставници, и една влада за навечер, која ги носела вистинските одлуки. Грузија регистрира пад на индексот на демократијата на „Економист“ за 2018 година и во моментот личи на еднопартиска држава предводена од партијата Грузиски сон на Иванишвили. Сепак, во споредба со другите постсоветски земји од Источна Европа, таа е дури и добра. Во неа сѐ уште има какво-такво ограничување на моќта. На пример, невладините организации и пратениците неодамна извојуваа победа во уште една битка за начинот на кој се раководи со земјата, принудувајќи десет кандидати за Врховниот суд со сомнителен углед и минато да ги повлечат своите кандидатури по големиот притисок од јавноста, наведува Де Вал.
„Справување со случаи на руски агресијата, особено во Украина, сè уште е важно. Но тоа е само половина приказна во овие земји. “
Според него, проблемите со невладеење на правото и корупцијата се уште поголеми во Молдавија и во Украина. Молдавија особено изгледа како „заробена држава“, каде што бизнисот и политиката се споени во едно, а големи делови од државата се принудени да им служат на потребите на моќните политичари и бизнисмени, а не на националните интереси. Двете земји имаат избори оваа пролет, а на нив има голем број кандидати со сомнително минато.
Справувањето со т.н. руска агресија, според Де Вал, сѐ уште е важно за источноевропските земји, но тоа е само половина од приказната. Конечно, заклучува тој, сѐ додека овие држави не почнат да ги решаваат натрупаните внатрешни проблеми, како корупцијата, непочитувањето на правните норми, заткулисните политички пресметки и слично, тие и понатаму ќе бидат изложени на внатрешни и надворешни саботери, кои секогаш ќе им го оспоруваат суверенитетот и ќе им стојат на патот на политичкиот и економскиот развој.