Американскиот дрон кој беше соборен од страна на иранските сили, е најнапредното беспилотно летало што во моментов го користат американските воздухопловни сили, барем јавно.
Станува збор за моделот „Глобал хок“, специјализиран за летови на голема височина, а посебна е верзијата наменета за програмата Поморски надзор над широко подрачје (БАМС), пишува специјализираниот американски портал „Дифенс пост“.
Ова е прв американски дрон од овој тип кој некогаш бил уништен. Доколку на тоа се додаде и фактот дека дронот „Глобал хок“ е поскап и од најнапредниот американски борбен авиони „Ф-35А“, јасно е дека станува збор за многу посериозен инцидент отколку што изгледа на прв поглед.
Официјален американски претставник за Си-ен-ен изјави дека цената на собореното беспилотно летало е приближно 110 милиони долари. Од друга страна, пак, „Бизнис инсајдер“, цитирајќи податоци од Американскиот морнарички институт од 2015 година, пишува дека таков дрон вреди околу 123 милиони долари. За споредба, веќе споменатиот ловец на „Ф-35А“ чини 89 милиони.
– Ова не е обичен дрон на чија загуба Американците само ќе ги поткренат рамената – коментира на Твитер Улрике Франк, експерт за беспилотни летала од Европскиот совет за надворешни односи.
„Глобал хок“ лета над 20 илјади метри висина, што значи дека вакво летало може да биде соборено само со софистициран ракетен систем земја-воздух, воден од радар, а не од против-авионски проектил истрелан од рамото на некој војник и воден од топлина, пишува „Дифенс пост“.
Иран тврди дека иранската Револуционерна гарда го урнала беспилотното летало со користење на напредните верзии на против-воздушниот систем „Хордад“, која може да детектира цели на растојание од 150 километри и да ги уништи на растојание до 50 километри, односно висина од 25 километри, пишува хрватски „Индекс“.
Соборениот дрон нема „стелт“ технологија (не е невидлив за радарите), ранлив е за системи кои може да погодат цели на оваа висина. Главната причина е дека дронот воопшто не е наменет за пенетрација и мисии во непријателски воздушен простор.
Што се однесува до причината за уривање на дронот, Иран тврди дека има несоборливи докази оти леталото на САД во времето кога било соборено се наоѓало во иранскиот воздушен простор и дека неговите делови паднале во ирански територијални води.
Во прилог на тврдењето, иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, објави илустрација со наводните координати од локацијата каде што дронот бил срушен. Од друга страна, САД тврдат дека леталото било урнато во неутрален воздушен простор.