Како што се зголемува негативниот ефект на пандемијата на вирусот ковид-19 во САД, така постепено претседателот Доналд Трамп се дистанцира од вината за избувнување на кризата, а целиот фокус за случувањата го префрла врз Светската здравствена организација (СЗО). На својот последен прес на оваа тема, Трамп ја обвини СЗО дека е организација под силно кинеско влијание и додаде дека пандемијата требало да им биде најавена на државите многу месеци порано.
Оваа изјава на Трамп доаѓа по прогнозата на неговиот советник за трговија Петар Наваро, кој уште на 29 јануари изјави дека вирусот може да биде голем ризик за здравјето на милиони Американци и притоа најави дека болеста ќе ја чини државата трилиони долари. Зборувајќи јавно за американските донации во СЗО, Трамп неодамна истакна дека неговата земја размислува да го запре финансирањето на здравствената организација.
Во меѓувреме, светските медиуми информираат дека администрацијата на Трамп всушност и го намалила финансирањето на СЗО во најновиот предлог-буџет за февруари, притоа снижувајќи ги финансиските придонеси од 122,6 милиони американски долари на 57,9 милиони американски долари. Но и покрај намалувањето, таа бројка сè уште е најголема во однос на другите држави, особено на Кина, која во ранг-листата на земји е на второто место, а годишно исплаќа сума од 28,7 милиони американски долари.
Јапонија е на третото место, со 20,5 милиони долари. Вкупниот износ на проценетите придонеси што треба да ги платат сите земји-членки годинава изнесуваше 246,8 милиони американски долари на 1 јануари, од кои се исплатени приближно 79 милиони долари до 31 март.