Растечката загриженост за можната геополитичка пресметка помеѓу светските сили поради Венецуела, би можела да се опише со африканската поговорка „кога слоновите се борат, тревата страда“, пишува „Њујорк тајмс“.
Како и во повеќето „војни преку посредници“, Венецуела претставува плен за поголема награда. За САД таа претставува можност за контрола на агендата во регионот, потиснување на руското влијание и осигурување дека Кина ќе остане во споредна улога. Во борбата меѓу слоновите, Венецуелците се тие што имаат што да загубат.
Но, тие веќе загубија премногу. Со години страдаат поради економијата што е во слободен пад и поради владата што е во хаос. Размерот на кризата е огромен. Стапка на инфлација која надмина еден милион отсто, пад на производството на нафта и егзодус на три милиони луѓе. Денес, постои ризик оти геополитичките грижи ќе ја стават маката на Венецуелците во втор план, односно дека кризната ситуација ќе стане уште полоша.
Но со битката за промена на режимот на Николас Мадуро, по цена на „се или ништо“ во корист на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, САД ја претворија регионалната криза во борба помеѓу светските сили. Зошто баш сега?
Некои велат поради нафтата. Државата ги има најголемите потврдени резерви на сурова нафта, кои се поблиску до САД во однос на повеќето други големи снабдувачи. Сенаторот Марко Рубио и советникот на Доналд Трамп за национална безбедност, Џон Болтон, сметаат дека претседателството на Хуан Гуаидо ќе биде среќна околност за американските нафтени компании. Но, дури и кога тензиите беа на највисоко ниво, во времето на венецуелскиот претседател Уго Чавез, испораката на нафта од Венецуела кон САД никогаш не запре. Всушност, Венецуела повеќе зависи од САД, отколку тие од неа.
Други тврдат дека демократијата ја навела администрацијата на Доналд Трамп да интервенира. Но, кога претседателот на Хондурас, Хуан Орландо Ернандез ги доби сомнителните избори во 2017 година, САД му пружија полна поддршка. Државниот секретар Мајк Помпео, исто така, му пружи поддршка на претседателот на Гватемала Џими Моралес, и покрај неговото згаснување на комисијата за антикорупција поддржана од Обединетите нации.
Ако не се во прашање нафтата или демократијата, тогаш можеби станува збор за напорот на САД за истиснување на Чавизмот (левичарска политичка идеологија – н.з.) со поголеми импликации за Венецуела и за Латинска Америка?
Корупцијата, лошото владеење и истоштеноста на левичарските влади во регионот, помогнаа да дојде до поставување на власти кои се поблиски до САД, односно до нивните трговски политики и политички интереси. Вашингтон не ја оркестрираше оваа промена, но е подготвен да ги „фати уздите“. „Волстрит џурнал“ објави дека администрацијата на Трамп цели кон Куба и кон спречување на „упадите“ на Русија и на Кина во регионот. Венецуела би можела да послужи за остварување на двете цели. Времето е пресудно за САД, бидејќи стекнувањето влијание во регионот не зависи само од менување на режимот во Венецуела, туку и брзо изведување на плановите.
Стратегијата „победникот зема се“, сепак, ја подрива можноста за мирна транзиција во Венецуела. Но, постојат алтернативи. Повици за спроведување на фер избори стигнаа од Европа и од Латинска Америка. Во минатото Николас Мадуро ги користеше преговорите за задржување на власта, но ситуацијата е сменета. Со вниманието насочено кон Венецуела, Мадуро и неговите поддржувачи немаат простор за маневрирање. Изборите би им овозможиле на Венецуелците сами да ја одредат својата иднина, отворајќи пат, не само за легитимно претседателство, туку и за стабилна долгорочна транзиција.