Кинеското здружение на авиокомпании ќе ги поддржи домашните компании кои бараат отштета од американската компанија „Боинг“ поради одлуката за приземјување на моделите 737 MAX 8.
Одлуката беше објавена откако 13-те најголеми кинески авиокомпании објавија дека ќе побараат компензација, бидејќи 96 авиони, кои сообраќале на главните рути, беа забранети да летаат од 11 март, по две сериозни несреќи и неколку мали несреќи на тој модел.
Здружението на кинески авиокомпании соопшти дека ако забраната за летање на моделот 737 MAX 8 се продолжи до крајот на јуни загубата може да биде повеќе од половина милијарда американски долари.
Ако забраната трае подолго, загубата ќе биде уште поголема, бидејќи слободниот простор на пазарот на авиокомпании ќе ја преземе конкуренцијата.