Кинескиот лидер Си Џинпинг порача дека ниту една сила не може да ги запре подемот и напредокот на Кина
Кина ја демонстрира својата моќ на големата воена парада во Пекинг, со која беше одбележана 70-годишнината од доаѓањето на власт на Комунистичката партија и подемот на земјата како глобална суперсила. Помеѓу другите најнови военотехнолошки достигнувања, на парадата беше прикажан и нуклеарниот проектил „дф-41“, кој може да погоди цели во САД за само 30 минути. Прославата ја отвори кинескиот претседател Си Џинпинг, кој порача дека ниту една сила не може да го запре напредокот на Кина, пренесува „Гардијан“.
Во својот говор, Си, кој е највлијателниот кинески лидер по Мао Ѕедунг, го пофали економскиот подем на земјата, како и големиот придонес на Комунистичката партија во реализирањето на таа цел.
– Не постои сила што може да го потресе статусот на оваа голема нација. Нема сила што може да го запре напредокот на кинескиот народ и на кинеската нација – порача кинескиот лидер.
Следејќи ја традицијата, Си беше облечен во сив костум и ја набљудуваше парадата од истото место на кое Мао во 1949 година го прогласи формирањето на Народна Република Кина. Парадата беше одржана на централниот плоштад „Тијанмен“, а почна со 70 почесни истрели од 56 топа, кои ги симболизираат сите кинески национални групи. Пред кинеското раководство продефилираа 15.000 војници, а учествуваа и повеќе од 160 авиони и 580 парчиња најразлична воена опрема.
Посебен интерес предизвика најновата кинеска интерконтинентална балистичка ракета. Станува збор за ракетата „донгфенг-41“, која има дострел од 13.500 километри и може да погоди цели во САД за само 30 минути. Ракетата лета со брзина 25 пати поголема од звукот и може да носи до десет боеви глави за одделни цели, технологија што се користи за независно погодување на повеќе цели. На парадата беше прикажан и новиот суперсоничен дрон за набљудување „др-8“, кој Пекинг ќе го користи како сензорска платформа заедно со системите за балистички проектили.
За кинеската Комунистичка партија вчерашната парада е една од најважните државни прослави. Кина го надживеа Советскиот Сојуз, кој порано ѝ беше спонзор и поддржувач. Кинеските функционери, како што оценува „Гардијан“, повеќе години го проучуваа распаѓањето на Советскиот Сојуз, за да ја избегнат истата судбина и за Кина. Но годишнината се случува во период кога Пекинг се соочува со најголемите предизвици по 1989 година и тогашните протести на плоштадот „Тијанмен“, кои беа крваво задушени од кинеската војска. Денес трговската војна со САД им се заканува и на американската и на кинеската економија, а сѐ поголема е и меѓународната вознемиреност поради агресивната проекција на моќ на Си надвор од кинеските граници. Покрај тоа, домашните проблеми ги отежнуваат напорите за обединување на населението од 1,4 милијарда жители околу претседателската визија за „кинескиот сон“.
Ескалира насилството на протестите во Хонгконг
Повеќе десетици лица се ранети во судирите помеѓу демонстрантите и полицијата во Хонгконг, кој веќе неколку месеци се соочува со масовни и насилни улични демонстрации. Меѓу ранетите има и новинари, а едно лице се наоѓа во критична здравствена состојба откако било застрелано во стомакот од полицаец. Хонгконшката полиција упати апел до жителите на градот да не ги напуштаат своите домови поради насилните протести, во чиј тек маскирани демонстранти уништија повеќе објекти и продавници.
На видеоснимките од протестите може да се забележи како полицијата стрела со гумени куршуми и солзавец кон продемократските демонстранти, кои, пак, фрлале молотови коктели кон безбедносните сили што ги обезбедувале владините згради и канцеларии во центарот на градот.