Кина одржа воени вежби во близина на Тајван неколку часа пред американските власти да пристигнат во Тајпеј за да ја изразат поддршката на претседателот Џо Бајден за островот и неговата демократија.
Тајван постојано се жали на кинеската воена активност во близина на неговата територија, вклучително и влезот на кинески борбени авиони и бомбардери во неговиот воздушен простор или приближување кинески носач на авиони.
Дваесет и пет кинески авиони во понеделникот влегоа во воздушниот простор на Тајван, најмногу досега, пренесува „Ројтерс“.
Кинеската канцеларија на Тајван соопшти дека владата на островот и сепаратистите се здружиле со надворешни сили за да предизвикаат и да го нарушат мирот и безбедноста.
– Кинеската народноослободителна армија (ПЛА) организира тековни борбени вежби во преминот Тајван како неопходна акција во сегашната безбедносна состојба и за зачувување на националниот суверенитет. Тоа е само одговор на мешањето на надворешните сили и тајванските провокации – рече портпаролот Ма Ксијаогуанг.
Руската морнарица, пак, започна воена вежба во Црното Море, пред очекуваното пристигнување на американски воени бродови во областа, пренесуваат руските новински агенции.
Вежбата вклучува руски воени бродови од Црноморската флота со седиште на Крим, хеликоптери и авиони.
Два американски воени брода треба да пристигнат во Црното Море оваа недела, додека Вашингтон и НАТО изразуваат загриженост за зголемувањето на бројот на руските сили на границата со Украина и на Крим.
Присуството на американски бродови во ова море не е невообичаено.
„Не е ништо ново“, рече минатата недела портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
Москва вчера ги предупреди САД со своите бродови да не се приближуваат до Крим, за нивно добро.
Според Кремљ, праќањето на американски бродови во Црното Море е провокација со цел да се тестира трпението на Русија, пренесе агенцијата „Ројтерс“.