Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи на Кина, Хуа Чиунин денеска изјави дека Кина не планира да гради воена база во Авганистан.
Нејзината изјава уследи откако весникот „Саут Чајна морнинг пост“ објави дека Кина почна со изградба на својата прва воена база за обука во провинцијата Бадахшан во североисточен Авганистан, во рамки на зголемената соработка со Кабул во борбата против тероризмот. Весникот наведе дека во Авганистан ќе бидат испратени и војници.
– Бидејќи не постои изградба и обука, оваа ситуација не постои, тоа не е точно. Значи се тоа не е вистина – посочи Хуа.
„Саут Чајна морнинг пост“ претходно објави дека базата ќе биде распоредена во Ваханскиот Коридор, кој претставува насип во планините кои граничат со три земји: Таџикистан на север, Пакистан на југ и Ксинџијанг-ујгурски автономен регион на Кина на исток. Во претежно муслиманскиот Ксинџианг постојат сепаратистички групи поврзани со меѓународните терористички и исламистички нелегални активности.
Според весникот, тоа ќе биде првото воено присуство на Кина на територијата на соседниот Авганистан. Минатата година, Пекинг ја распореди својата прва воено-логистичка база во странство, во Џибути на источниот брег на Африка. Но, досега, основата на тој контингент се инженери и градежници ангажирани во инфраструктурата.
– Базата во Авганистан мора да одигра многу поинаква стратешка улога поради неговата близина до Ксинџијанг, каде што во последниве години имаше напади од исламски терористи – наведува „Саут Чајна морнинг пост“.
Официјален Пекинг и претходно демантираше дека кинески воени возила патролираат на авганистанска територија. Кина стравува дека нестабилноста од Авганистан може да се прелее во кинески Ксинџијанг-ујгурски автономен регион.
Кинеското Министерство за одбрана досега официјално не ги потврди плановите за формирање кинеска база во Авганистан.