ЗАГРИЖУВАЧКИ ИНФОРМАЦИИ ОД ИСТРАЖУВАЊЕТО НА МЕЃУНАРОДНИОТ ИНСТИТУТ ЗА МИР (СИПРИ) ОД СТОКХОЛМ

Меѓународниот институт за истражување на мирот (СИПРИ), со седиште во Стокхолм, во својот извештај посветен на нуклеарното оружје во светот информира дека вкупниот број на нуклеарните боеви глави на планетата изнесува 13.080 парчиња, што е пад од 320 оружја во споредба со минатата година, но земјите што поседуваат нуклеарно оружје го модернизираат својот арсенал

Опасностите од нуклеарната криза како од времињата на Судената војна и натаму е голем безбедносен проблем за светот, кој и во денешницата му се заканува на човештвото. Во свој документ на оваа тема, Меѓународниот институт за истражување на мирот (СИПРИ), со седиште во Стокхолм, заклучува дека глобалните прашања за нуклеарно вооружување на државите се загрижувачки. Во извештајот, СИПРИ информира дека САД, Русија, Британија, Кина, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја во 2021 година поседуваат моментален вкупен број од 13.080 парчиња нуклеарни боеви глави, што, пак, е пад за 320 парчиња боеви глави во споредба со минатата година.

Но дополнително институтот информира дека во светот постојат т.н. активни и „пензионирани“ нуклеарни глави и ако се бројат „пензионираните“ бомби, тогаш бројот на функционални бомби се зголемува од 9.380 на 9.620 за една година.
– Истовремено, бројот на оперативни преносливи бомби подготвени за употреба пораснал од 3.720 на 3.825 парчиња, што, пак, практично претставува број на боеви глави што се монтирани пак на проектили и ракети – се наведува во истражувањето.
Во извештајот се наведува дека Русија и Соединетите Американски Држави заедно поседуваат повеќе од 90 отсто од светското нуклеарно оружје.

Арсеналот на двете држави порасна за 50 нови преносни и готови боеви глави во последната година, посочува СИПРИ и додава дека арсеналот, пак ,на Индија, Кина и на Пакистан се модернизира со особено брзо темпо, а Велика Британија отворено ги објави плановите за дополнување на резервите.

Во извештајот се додава дека постои и генерализирана тенденција на „нагласување на важноста“ на нуклеарното оружје, со промена во стратегиската доктрина, особено во САД и во Русија, кои му даваат поголема улога на ова оружје во воените операции и дебатите за националната безбедност.

Во своја опсервација на темава, чешкиот универзитетски професор Михал Вит за „Нова Македонија“ вели дека актуелните состојби поврзани со нуклеарното оружје нѐ носат на заклучок дека животот на планетата е поопасен во потенцијалот за нуклеарен конфликт дури од времето на Студената војна.

Вит коментира дека овие состојби се резултат на катастрофалните надворешни политики што ги водеа нуклеарните сили изминатиов период.
– Администрацијата на Доналд Трамп отворено излезе од Договорот за нуклеарен баланс со Русија, а Москва од друга страна го исплаши светот со своите борбени операции на Крим и на Блискиот Исток. Резултатот е очекуван, а сето тоа создава глобална клима во која очигледно ќе живееме со страв во годините што доаѓаат дали некој од светските лидери ќе го притисне „црвеното копче“ – резимира професорот.


Земји што се откажаа од нуклеарното оружје

Во контекст на актуелните случувања, за нотирање се и информациите дека светската сцена бележи и примери во кои држави се откажуваат од правото на користењето на ова опасно оружје. Имено, Јужноафриканската Република кратко пред падот на апартхејдот се откажа од натамошниот развој на атомско оружје, а истото го стори и Либија за време на владеењето на Моамер Гадафи. Натаму како резултат на СТАРТ-договорите меѓу Вашингтон и Русија, Украина иако поседува нуклеарен арсенал на своја територија се откажа од правото на негово користење.


Кој официјално е атомска сила, а кој не?

Како официјални атомски сили се дефинираат оние држави што се потписнички на Договорот за замрзнување на користењето атомско оружје од 1968 година. Тоа, според редоследот на поседувањето атомска бомба, се: САД (1945), Советскиот Сојуз/Русија (1949), Велика Британија (1952), Франција (1960), Кина (1964), Индија и Пакистан (1988). Престанатите држави што поседуваат атомско оружје, но никогаш не пристапиле кон договорот се Северна Кореја, досега само привремено била член на договорот, Израел, никогаш официјално не признал дека воопшто поседува атомско оружје, но тоа се смета за сигурен факт, но и Иран работи на свое атомско оружје и покрај официјалното откажување од користење атомска технологија за воени цели и надзорот од Меѓународната агенција за атомска енергија.


Договори за намалување на арсеналот

Глобалната политика бележи и неколку иницијативи за нуклеарно разоружување на државите. Во својата информација на оваа тема, германската „Дојче веле“ информира дека најстариот ваков обид е Договорот за замрзнување на користењето атомско оружје од 1968 година.

Натаму, во билатерален договор САД и Советскиот Сојуз од крајот на Студената војна го намалија бројот на боеви глави и носачи на авиони. Во американско-рускиот документ насловен СТАРТ-преговори двете страни на почетокот на 1990-тите години се договорија да преземат јасни чекори за нуклеарно разоружување. Трет ваков меѓународен договор беше потпишан во 2010 година од страна на тогашните претседатели на САД и на Русија, Барак Обама и Дмитри Медведев, и овој документ го носи името СТАРТ 2.