Каталонскиот Парламент денеска гласаше за промена на регионалните закони, со што ќе може да го избере поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон за претседател на Владата на Каталонија.
Со мнозинство гласови, пратениците во Парламентот го усвоија предлогот претседателот на регионалната Влада да може да положи заклетва без да биде присутен во Парламентот и да владее од странство, иако тој потег речиси сигурно ќе биде блокиран од страна на судот.
Пуџдемон моментно се наоѓа во Германија, каде беше ослободен од притвор откако плати кауција од 75.000 евра, која му ја одреди судот.
Германскиот државен суд во Шлезвиг претходно донесе одлука Пуџдемон да може да биде пуштен со кауција, отфрлајќи го барањето на Мадрид тој да биде екстрадиран врз основа на главното обвинение за бунт.
Сепак, германскиот суд соопшти дека не го отфрлил барањето за екстрадиција на Пуџдемон на Мадрид врз основа на второто обвинение за злоупотреба на јавни средства и оти Пуџдемон ќе биде пуштен додека судот не го разгледа тоа барање и не донесе одлука за негова евентуална екстрадиција.
Пуџдемон беше уапсен во Германија врз основа на шпанска потерница кога се обиде на 25 март да замине од Финска за Белгија, каде побегна лани во октомври за да избегне апсење.