Осудениците во единицата за изолација во „Казнената колонија број 2“ се принудени да стојат со часови со свртени раце зад грб, а им е забрането да воспоставуваат контакт со очите со чуварите. Затворениците мора да користат отворени тоалети без прегради, во присуство на „активист“
Рускиот опозициски лидер и критичар на Кремљ, Алексеј Навални, ќе ја издржува затворската казна во траење од две и пол години во казнена колонија на околу 100 километри источно од Москва, позната по дисциплинските мерки кои се сметаат за сурови дури и според руските стандарди, пишува „Њујорк тајмс“.
Казнената колонија, наречена „Казнена колонија број 2“, или попозната по нејзините иницијали „ИК2“, се наоѓа во регионот Владимир во европска Русија, источно од Москва, што укажува на тоа дека тој нема да ја отслужи казната во затвори во Сибир или Арктикот.
Според податоците од поранешни затвореници и адвокати, казнената колонија е позната по строгите правила, каде што затворениците не смеат да се дружат, ниту да разговараат меѓусебе. Колонијата е типична за руските затвори кои еволуираа од гулаг-камповите од 1930-тите години, со неколку мали подобрувања. Затворениците живеат во групи од неколку десетици, наречени бригади во ниски двокатни згради опколени со ѕидови и бодликава жица.
Иако чуварите го надгледуваат затворот, група позната како „активисти“ одржува дисциплина во рамките на бригадите, најчесто во соработка со чуварите. Посебна група се водачите на криминални банди, познати како „законски крадци“. Затворите контролирани од „активисти“ се нарекуваат „црвена зона“. Во овој затвор, животот на Навални ќе биде контролиран 24 часа.
– Затворениците немаат пристап до нивните адвокати, се се прави со цел политичките затвореници да бидат изолирани и „зависни“ од чуварите. „ИК2“ е најцрвена од црвените зони – вели адвокатката Марија Еизмонт.
Според сведоштва на поранешни осуденици, во колонијата „активистите“ им наредуваат на затворениците да извршуваат бесмислени задачи, како што се местењето кревети повеќе пати на ден, или соблекување и повторно облекување на облеката.
Политичарот Дмитриј Демушкин кој служел во поправната колонија, го опиша искуството како психолошки кошмар, каде што Навални може да заврши во посебна казнена бригада за најмали прекршоци, како што е закопчување на копчето од затворската јакна.
– Затворениците секое утро мора да се бричат, но не смеат да го прават тоа самите, затоа што не смеат да држат жилети. Наместо тоа, ги бричат „активистите“, а посекотините се чести – објаснува Демушкин.
Затворениците во единицата за изолација во „Казнената колонија број 2“ се принудени да стојат со часови со свртени раце зад грб, а им е забрането да воспоставуваат контакт со очите со чуварите. Затворениците мора да користат отворени тоалети без прегради, во присуство на „активист“.
– „Активистите“ и чуварите ќе најдат многу начини да го притиснат Навални. Во вакви услови, вашата личност се деформира – завршува Демушкин.