Канадскиот пратеник и кандидат за премиер, Ерин О’Тул, вети дека ако биде избран, ќе ја премести амбасадата на својата земја во Израел од Тел Авив во Ерусалим.
– Ерусалим е вечна престолнина на еврејскиот народ и неговото присуство таму до ден денешен го цементира ова. Кнесетот, Врховниот суд и Министерството за надворешни работи се во Западен Ерусалим – рече О’Тул, член на Конзервативната партија на Канада, во видео објавено на Фејсбук.
– Верувам дека ни треба и поголемо присуство на теренот таму и сакам да разгледаме повеќе размени и соработки со Израел за да се здружиме исто како и со другите наши најблиски сојузници. Ние поддржуваме решение за две држави, но тоа не спречува да соработуваме повеќе со нашиот пријател и сојузник Израел. Како премиер, ќе ја спроведам нашата политика и ќе ја преместам нашата амбасада – рече О’ Тул.
О’Тул ја критикуваше ослабената и непостојана поддршка на премиерот Џастин Трудо за еврејската држава и го поздрави поранешниот премиер Стивен Харпер кој, како што кажа, ја направи Канада доверлив пријател на Израел.
Во февруари, канадскиот пратеник повика да се признае реалноста дека Ерусалим е главен град на Израел и да се премести канадската амбасада таму. Тој го објави видеото со порака во која се вели: „Кога ќе бидам премиер, јас вистински ќе се залагам за вредностите на Канада и на сојузниците на Канада“.
Во мај 2017 година, американскиот претседател Доналд Трамп го исполни предизборното ветување за пренесување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.