Поголемите светски држави, полека но сигурно ги менуваат ставовите за канабисот. Новата влада на Мексико планира комплетно да го легализира канабисот за рекреативна употреба, а слични планови има и Луксембург, пренесува британски Би-би-си. Во меѓувреме, лидерите на Нов Зеланд размислуваат да спроведат референдум и да го испитаат јавното мислење за оваа билка.
Како што се менува јавното мислење на граѓаните, така се менуваат и ставовите на владите во светот, со што се отвораат нови прашања за тоа како треба да се постапи со користењето, набавката и производството на канабис. Останува отворено прашањето за тоа кои се причините поради кои владите ги „олабавуваат“ законите за користење и употреба на марихуаната, а во некои земји и целосна нејзина легализација.
Војна против дрогата
Уште во 2012 година, Уругвај стана првата земја на светот која целосно ја легализираше рекреативната употреба на канабисот. Во голем дел, овој потег на тогашната влада на оваа јужноамериканска земја беше насочен кон тоа да се намали и сузбие организираниот криминал и трговијата со канабисот, но и да се зголеми контролата и регулацијата од страна на државните органи.
Неколку месеци подоцна, гласачите во сојузните државни Вашингтон и Колорадо во САД ја поддржаа легализацијата на оваа дрога и нејзино користење за рекреативни цели. Во времето на владеењето на претходниот претседател на САД Барак Обама, се појавија голем број на критики во однос на пристапот на оваа земја за војната против дрогата. Тогашната државна администрација одлучи да го промени својот пристап и дел од федералните закони, со што им дозволи на сојузните држави да имаат пофлексибилни закони за користењето на марихуана. До денес, уште осум сојузни држави и државата Вашингтон ја поддржаа легализацијата за рекреативна употреба на канабисот и ги намалија казните за нејзино користење. Моментно, користење на марихуана за медицински цели е дозволено во 33 од 50 сојузни држави во САД.
Канада во октомври целосно ја легализираше продажбата, поседувањето и рекреативната употреба на марихуаната. Мексико, како и многу други земји започнаа постапки и процедури за легализација на марихуаната, како и за промени на законите преку кои ќе се декриминализира поседувањето на оваа супстанца. На пример, владите на Бразил, Јамајка и Португалија ги променија законите во насока за поседувањето на мали количества на марихуана да биде легално. Во Шпанија законски е дозволено жителите да консумираат канабис во својот дом, а во Холандија долги години наназад марихуаната се продава во голем број на кафулиња. Уште голем број на земји во светот дозволуваат користење на канабис за медицински цели. Јужна Кореа легализираше стикно контролирана употреба, иако законски ги гони оние кои рекреативно ја употребуваат, највисокиот суд во Јужна Африка ја легализираше употребата на канабисот за возрасни на приватни места, за да ја подобри својата економска ситуација, властите во Либан размислуваат на легализација на канабисот.
Медицински аспекти од користењето
Во многу земји, чекорите кон легализацијата започнаа со „омекнување“ на јавното мислење во однос на канабисот. Во САД и Канада, слики од болни деца на кои им е одбиено барањето за користење на канабис во медицински цели се користеа во кампањите за легализација и токму овие кампањи полека го менуваа јавното мислење – проблем кој го забрза процесот на легализација во медицински цели.
По неколку случаи покриени во медумската јавност, Британската влада ги промени законите за користење на марихуаната во медицински цели и дозволи лекарите да препишуваат продукти на база на канабис. Претходно во таа насока, сојузната држава Калифорнија забележала дека запознавањето на јавноста со медицинската употреба на канабисот навистина може да го промени јавното мислење.
Пазарот на канабис
Откако голем број на земји во светски рамки започнаа да работат кон различни видови на легализација и „омекнување“ на законите, други земји брзаат за да останат во чекор со модерните трендови. Многу често, во Латинска Америка, владите сакаат нивните земјоделци да имаат пристап до многу исплатливата медицинска марихуана, а за истото се заинтересирани и големите корпорации во светот. На пример, корпорацијата „Алтрија“ направи инвестиција од 1,86 милијарди долари во канадска компанија која произведува канабис.
Сепак, за разлика од другите продукти, при дистрибуцијата и продажбата на канабисот за рекреативна употреба се појаваува проблем, а тој проблем е тоа што е нелегално да се транспортира преку границите. На земјите кои дозволуваат медициска употреба на оваа супстанца им е дозволено да увезуваат и извезуваат марихуана само по строги системи на супервизија. П.С.