По експлозијата од амониум нитрат која се случи на пристаништето во Бејрут во вторникот, Меѓународната заедница се мобилизира и веќе испраќа медицинска помош на Либан. Земјата веќе имаше многубројни потешкотии и проблеми, водеше борба да се справи со пандемијата на коронавирусот, со хиперинфлација, невработеност, недостиг на основни производи, како и политичка криза. Експлозијата во вторникот е уште еден удар врз земјата измачувана од честите трагедии, пренесува „Њузвик“.
Огромната експлозија на 2.750 тони амониум нитрат складиран во магацин на пристаништето предизвика сеизмички бранови еквивалентни на земјотрес со јачина од 3,3 степени. Сепак, причините како дошло до тоа сѐ уште не се јасни.
Властите започнаа истрага, а комисијата треба да ги изнесе своите наоди во рок од пет дена. Експлозијата предизвика бран на шпекулации на Интернет, со теории кои опфаќаат сѐ од внатрешна саботажа, до израелски воздушни напади, па дури и нуклеарна детонација. Претседателот на САД, Доналд Трамп, беше меѓу оние што тврдат дека експлозијата била предизвикана од бомба, иако не откри никакви докази за да го поддржи неговото тврдење. Тврдењето подоцна беше отфрлено од страна на либанските власти.
Но, се чини дека вистинската причина за катастрофалната експлозија е системската корупција и небрежноста што веќе долго време владеат во Либан, при што службените лица прават сѐ за да се збогатуваат по цена на безбедноста на народот.
„Ал Џезира“ објави дека високи овластени лица неколку години знаеле за опасноста на складираниот амониум нитрат во хангарот 12 на пристаништето во Бејрут, и дека неговото присуство на пристаништето претставува потенцијален ризик за катастрофална несреќа. Но, овластените лица, кои и онака се на лош глас поради кражбата на јавни средства која трае со децении, не успеаја да се справат со заканата.
Амониум нитратот бил запленет од руски товарен брод во септември 2013 година, кога танкерот се закотвил во Бејрут поради технички проблеми. Бродот бил упатен од Грузија кон Мозамбик.
Амониум нитрат е честа индустриска хемикалија која се користи главно за ѓубриво, бидејќи е добар извор на азот за растенијата. Но, исто така, таа е една од главните компоненти за производство на рударски експлозиви, а терористите го употребуваат во производството на бомби.
Адвокати од Бејрут ги застапуваа руските и украинските членови на екипажот на танкерот, кои беа заробени на него откако тој се прикотвил. Либанските власти забранија бродот да отплови и тој потоа беше напуштен од неговиот екипаж и сопствениците.
Според „Ал Џезира“, откако хемикалијата била складирана во пристаништето, имало неколку обиди за таа да се дислоцира на друго место. Во 2014 година, тогашниот директор на либанската царина, Шафик Мерхи, испратил писмо до неименуван судија, барајќи решение. Царинските службеници испратиле барем уште пет писма со барања во текот на следните три години, барајќи итно да се реши ситуацијата со хемикалијата.
Предложените решенија вклучувале извоз на материјалот, негово предавање на либанската армија или продажба на либанска компанија за експлозиви. На писмото од 2016 година, како и на останатите, официјалните лица не добиле одговор од судиите.
– Со оглед на сериозната опасност за чување на оваа хемикалија во хангар во несоодветни климатски услови, го реафирмираме нашето барање да побараме од морската агенција веднаш да ги извезат или продадат овие производи за да ја зачуваат безбедноста на пристаништето и оние што работат на него – се вели во писмото, на кое никогаш не стигнал одговор.
Одговорот, меѓутоа, дошол по три години кога амониум нитратот на пристаништето експлодираше, а експлозијата се почувствува дури на Кипар, на далечина од околу 160 километри од Бејрут. Пристаништето на Бејрут беше од витално значење за увоз на храна и други неопходни производи за земјата. Тоа сега е во руини, а либанскиот народ ќе ја плати цената за небрежноста на политичката елита во земјата.