Повеќе европски земји засега сѐ уште немаат јасна визија ниту план како ќе се справат со евентуалниот проблем, кој би можел да настане околу рехабилитацијата на поранешните лица осудени за тероризам, кои по одлежување на затворската казна наскоро би можеле да се најдат повторно на слобода

По неодамнешните два напада во Лондон, во кои беа повредени неколку лица, а беа извршени од страна на напаѓачи (поранешни затвореници) поврзани со исламистички екстремизам, во европската јавност се наметна дилемата како ќе се справуваат во иднина државите на Стариот Континент со лицата пуштени на слобода, кои претходно биле обвинети за тероризам. Британскиот јавен сервис Би-би-си, на оваа тема, забележува дека иако В. Британија за оваа проблематика веднаш реагираше и го донесе законот со кој се блокира предвременото пуштање на слобода на осудениците обвинети за тероризам, другите европски земји засега сѐ уште немаат јасна визија како ќе се справат со овој евентуален проблем, кој би можел да ги загрози безбедноста и слободата на граѓаните. Европската полициска агенција „Европол“, посочувајќи конкретни бројки за тоа колкав број осуденици за тероризам по извршување на казната затвор чекаат да бидат пуштени на слобода од ќелиите низ Европа, неодамна информира дека во наредните неколку години од европските затвори на слобода ќе излезат илјадници лица што биле осудени за насилство, тероризам или ширење исламистички екстремизам.

Според „Европол“, во ЕУ засега најмногу судски предмети за лица што се товарат за извршено терористичко дело има во Шпанија и бројката на предмети таму изнесува 343. По неа, според европската полициска агенција, следуваат В. Британија со 329 предмети, Франција со 327 и Белгија со 301 судски предмет што биле отворени против лица што се товарат за тероризам.
– Во 2018 година, околу 61 отсто од пресудите за тие случаи во државите на ЕУ беа класифицирани како „џихадисти припадници на терористичка групација“. Овој тренд на пресуди започна во 2015 година, една година откако групата Исламска држава го прогласи својот калифат на Блискиот Исток. Радикализирани од ИД, овие џихадисти извршија низа злосторства низ Европа, а најкрвави беа оние во Париз и во Ница, во кои загинаа околу 200 лица, а над 350 беа повредени – соопшти „Европол“.

Проблеми со програмите за рехабилитација

Сторителите на тероризам не остануваат зад решетки засекогаш, пишува на истава тема безбедносниот институт „Глобсек“.
– Од вкупно 199 лица лишени од слобода, поради терористички напади и поврзани со тероризам, во 2015 година, дури 57 отсто ќе бидат пуштени на слобода до крајот на 2023 година – забележува „Глобсек“. Според анализата, неколку стотици осуденици се товарат за планирање терористички напади на европска почва, но и поради учество или финансирање на терористичка организација. Само во Франција, околу 45 затвореници од вкупно 500 осуденици обвинети за тероризам се очекува да бидат пуштени на слобода уште оваа година. Во В. Британија оваа бројка е помала и таа изнесува околу 50 лица, додека во Шведска засега не се евидентирани вакви случаи. Иако во повеќето европски земји има програми за рехабилитација на овие лица, тие, сепак, не се задолжителни за сите што го прекршиле законот или направиле терор и насилство – анализира „Глобсек“. Во тој контекст, деновиве францускиот парламент предлага закон за подобро надгледување на терористите што излегуваат од затвор, јавува „Ројтерс“.
– Комисијата за закони при француското собрание разгледува нацрт-закон за утврдување безбедносни мерки за терористи, за да се понудат алатки способни да се спречи едноставно излегувања на десетици исламистички терористи од затворите. Од контингент на повеќе од 530 затворени лица, околу 100 треба да бидат ослободени во рок од две години. Предлагаме да се создаде нова мерка на судски надзор, за да се овозможи адаптирано следење, со текот на времето, на овие лица – изјави за „Ројтерс“ сенаторот од редовите на републиканците, Марк-Филип Добрес, коавтор на нацрт-законот за зајакнување на набљудувањето и надзорот на овие поранешни затвореници.

Реинтеграција во општеството

Во исто време, сѐ повеќе европски држави развиваат програми за рехабилитација на џихадистите, кои се засноваат на неколку чекори. На пример, Данска бара од затворениците обвинети за тероризам пред отслужувањето на затворската казна да се вклучат во програма наречена „враќање на вистинските пат“. Слично на Данска и белгиската влада спроведува сличен метод да рехабилитација на затворениците. Само минатата година низ оваа програма за рехабилитација, која трае 9 месеци, минале вкупно 27 затвореници што биле осудени за тероризам. Сепак, никој со сигурност не знае да даде одговор на прашањето дали програмите за рехабилитација се успешен модел или не. Резултатот од овие програми не е доволно добро анализиран од две причини. Првата, тоа е така бидејќи тешко е да се оцени успешноста преку научни методи бидејќи легалните и етичките грижи на системот го ограничуваат овој чин. И втората причина е мотивот за оптимизам. Дури еден од 189 прекршители што бил надгледуван од данската програма за ова намена, се опишува дека бил ресоцијализиран, што е спротивно од тенденцијата во периодот меѓу 2012 и 2018 година, кога овие лица биле повторно повратници на тероризмот. Во својата анализа на темава, Би-би-си цитира изјава на претставници на Скотланд Јард, кои тврдат дека терористот осомничен за напади во 2018 година бил во фаза од која не можел повторно да биде ресоцијализиран, иако бил подложен на многубројни програми за оваа намена, а ниедна не дала плод.
– За да се има шанса да се ресоцијализираат, овие луѓе мора да бидат опкружени со добро обучен и добро опремен персонал и во работата да користат методи и алатки што се најдобри за оваа намена – изјави за медиумот д-р Даниел Кохер, директор на германскиот институт за ресоцијализација. Според него, во повеќето земји програмите не ги достигнуваат своите цели токму поради овие причини, иако тие можат да имаат позитивно влијание врз состојбите.


Исламската држава со свои препораки против коронавирусот

Терористичката организација Исламска држава, откако со години ги набедуваше своите терористи да напаѓаат големи европски градови, сега им препорачува да не патуваат во Европа поради ширењето на коронавирусот, јавува британски „Сандеј тајмс“. Како што информира медиумот, ИД на своите борци, доколку имаат симптоми на болеста, им препорачува да останат таму каде што се затекнати и да не патуваат во странство.
– Здравите не треба да влегуваат во земјите со епидемија, а заразените не треба да излегуваат од таму – пишува во билтенот на терористичката група Ал наба (разгранок на ИД), оценувајќи дека „чумата“ е „страдање, испратено од бога на кого тој сака“, пишува електронското издание на „Сандеј тајмс“.