Додека мнозинството лекари во светот прават сѐ за да спасат што повеќе животи од ковид-19, патолозите се фокусираат на мртвите за да спречат ширење на заразата, вели Ахмад Самарџи, професор по форензички науки
Во екот на пандемијата на коронавирусот, мнозинството лекари и научници прават сѐ што можат за да спасат што повеќе животи. Форензичките патолози, пак, се фокусираат на мртвите за да спречат ширење на заразата. Тие се соочуваат со големи предизвици во епидемиските жаришта, во кои владите мора да преземат ограничени но клучни мерки за да избегнат опасно трупање на мртвите тела и ширење на коронавирусот, посочува либанскиот професор по форензички науки Ахмад Самарџи во интервју за „Нешнел интерест“.
Која е улогата на форензичките патолози за време на пандемија?
– Форензичките патолози се лекари што ги интегрираат законите и медицината за да ги утврдат причината, начинот и времето на смртта на едно лице. Нивната секојдневна работа има важни правни, социјални и економски последици за членовите на семејството на починатиот и за пошироката заедница. За време на пандемија, форензичките патолози се вклучени во справувањето со кризата, во рамките на нивните локални заедници или како дел од хуманитарните мисии.
Нивната улога во овие екстремни времиња е да обезбедат правилно справување со телата, минимизирање на ширењето на вирусот и да ги водат властите, болниците и погребните установи за најдобрите начини за справување со телата.
Во медицината постои општа претпоставка дека справувањето со починатиот не бара иста итност како лекувањето на болниот и во нормални услови тоа е точно. Но при пандемија како ковид-19, големиот број на жртви може брзо да ги надмине локалните капацитети ако не се преземат навремени мерки. Кај високозаразните болести е битно посмртните постапки, како испитувањето, овластувањето, регистрацијата и предавањето на телото за безбедно кремирање или погребување, да се спроведуваат што поправилно, побрзо и понепречено.
Можат ли жариштата на епидемијата безбедно да се справат со мртвите?
– Владите во светот се мачат со големиот број жртви, но здравствените системи што планирале пандемии и издвоиле доволно ресурси за справување со нив, се чини дека се справуваат соодветно.
Но веќе е објавено дека тешко погодените градови како Њујорк копаат масовни гробници зашто не можат да се справат со големиот број жртви?
– Кога ќе се исцрпат националните планови за справување со жртвите за време на пандемија, потоа следува трупање на телата и појава на проблеми со нивно складирање и ладење и распаѓање. Како резултат на тоа, се зголемува ризикот од ширење на заразата. Во такви услови, локалните и националните власти имаат многу ограничен но суштински избор за справување со големиот број тела.
Тие треба да овозможат потврда за настапување на смрт од ковид-19 од лекарот што го лекувал пациентот, без потреба од посмртна истрага за да се овозможи побрзо справување со телото на починатиот во рамките на системот. Тие, исто така, мора да постават привремени мртовечници, доволно големи за да се сместат илјадници тела. Ова мора да се направи брзо, а истовремено да се осигурат достоинствен погреб на телата и правилно обележување на гробовите, во согласност со меѓународното хуманитарно право.
Какви опасности носи пандемијата на ковид-19 за форензичките научници?
– Покрај сите заштитни мерки, форензичките експерти се соочуваат со постојан ризик од изложеност на вирусот. Кога патолозите во погодените области се заразуваат со коронавирус, тоа го интензивира опасниот циклус. Тие мора да отсуствуваат од работа најмалку 14 дена, а некои и умираат. Ова само ја влошува состојбата со постапувањето со мртвите тела и ги зголемува здравствените ризици за целото население. Форензички научници се испраќаат на хуманитарни мисии во бегалски кампови, воени зони и во градови погодени од ковид-19. Таму ризикот од зараза е уште поголем. Во мртовечниците во кои работат сигурно има недостиг од персонал со соодветни вештини и опрема. Општо земено, форензичкото испитување на мртвото тело не бара многу сложена опрема и уреди во споредба со другите здравствени области. На патолозите им се потребни соодветно место за складирање, опрема за лична заштита, основни алатки за дисекција и материјал за собирање примероци. Но форензичката патологија е само алка од синџирот. Болниците мора да можат да го идентификуваат лицето, да ја утврдат причината за неговата смрт, физички да располагаат со телото и брзо да ги завршат сите правни процедури.
Форензичките научници научија повеќе лекции од еболата. Какви лекции учат од ковид-19, кои помагаат во справувањето со пандемијата?
– Лекциите од еболата сега им помагаат на владите и на здравствените работници да се справуваат со ковид-19. Денес се спроведуваат разни интердисциплинарни истражувања за ковид-19, кои ги поврзуваат знаењата на форензичките патолози, клиничките лекари, виролозите и биохемичарите. Една студија од Италија, на пример, ги предупреди здравствените работници и персоналот во мртовечниците за конкретните ризици при справувањето со пациенти со ковид-19 и даде упатства за обдукција на можни и потврдени случаи. Ваквиот труд, кога ќе се повтори и спроведе во различни истражувачки тимови и земји, во голема мера ќе помогне во справувањето со глобалната криза, формулирајќи ефикасни планови за лекување и за потенцијално создавање вакцина.
Телата на жртвите од ковид-19 најверојатно се заразни
Дали телата на жртвите од ковид-19 се заразни?
– Иако многу се знае за коронавирусите, допрва треба да се разберат начините на пренесување и ефектите врз телото од ковид-19. Не знаеме дали човечките остатоци се заразни, но веројатноста е голема. Затоа, форензичките патолози во светот ги повикуваат владите да ги ограничат гледањето и допирањето на телото по завршувањето на истражните постапки. За време на епидемијата на ебола во Африка во 2014-2015 година, кога умреа 11.300 лица, справувањето со мртвите беше еден од главните начини на пренесување на болеста. Значи, една од лекциите што патолозите ги научија е дека необучените работници не треба да бидат вклучени во ракување со човечки остатоци при заразни болести.