По неколкугодишни акции, двата града немаат жртви меѓу пешаците во 2019 година
Фински Хелсинки минатата година за првпат не забележа ниту еден смртен на пешаци, откако започна со водење на статистика од 1960 година, додека во 90-те години во просек имаше 20-30 случаи годишно. Во норвешки Осло немало смртни случаи на пешаци или велосипедисти во градот со население од 680.000 илјади, а ниту едно дете под 16 години не починало во сообраќајна несреќа во целата земја.
За споредба, 57 пешаци загинале во Лондон во 2018 година, а бројките за 2019 година допрва треба да бидат објавени.
Достигнувања на нордиските држави Финска и Норвешка го отвораат прашањето што направија тие за да постигнат вакви подобрувања.
– Политичарите во Осло избраа да го отежнат користењето на автомобилот. Потребно е повеќе време да се вози од еден дел од градот до друг, а сега мора да платите многу повеќе отколку порано за да го користите патот – објаснува Кристофер Сулстад Стин од „Триг Трафик“, организацијата за безбедност на патиштата во Норвешка.
Во 2017 година има зголемување од 70 отсто на патарините низ Осло според плановите предводени од партиите на трудот и зелените, што доведе до намалување од шест отсто на сообраќајот.
Казните за паркирање исто така се зголемија за 50 отсто во центарот на Осло и 20 отсто во другите делови, иако илјадници паркинг места сега се отстранети за да се направи простор за 56 километри за нови патеки за велосипеди.
Градот ја намали дозволената брзина до максимум 30 километри на час пред училиштата, и започна со „срцевите зони“, каде што е забрането возење
во области околу училиштата. Официјалните лица во Осло се надеваат дека ќе создадат 100 вакви зони во текот на следните четири години.
Неколкумина се спротивставија на промените, признава Арилд Хермстад, заменик на градоначаникот на Осло, одговорен за животна средина и транспорт – особено кога станува збор за забрана на автомобили од одредени области во градот. Сепак, тој смета дека кога луѓето ќе се навикнат на новитетите, ќе можат да ги согледаат придобивките.
– Кога тоа навистина ќе се случи и луѓето ќе видат дека функционира, тогаш никој нема да сака да ги врати автомобилите на овие патишта. Затоа, мислам дека сè повеќе луѓе гледаат дека ова всушност е добро за градот. Ние сакаме да го намалиме вкупниот сообраќај во Осло за 30 отсто до 2030 година. Тоа е тешко остварлива цел, но мислиме дека ќе биде добро и за градот – рече тој.
Слични мерки за намалување на сообраќајот се користат и во Хелсинки, каде што ограничувањата на брзината се намалуваат со децении и повторно беа намалени минатата година. Сега ограничувањето на брзината е 30 километри на час на повеќето улици на градот и во центарот на градот, а 50 километри на час на улиците во приградските населби и 40 километри на час на оние во внатрешниот дел на градот.
– Секако, не станува збор само за ограничувањата на брзината, иако мислам дека сите наши специјалисти велат дека тоа е најважната мерка што влијае на безбедноста во сообраќајот. Во последните неколку години, ние исто така се фокусиравме на тоа
како ја градиме уличната околина. Улиците подобро се поделени меѓу пешаците, патеки за велосипеди и автомобилите – но автомобилската патека не е широка колку што може да биде – рече Ани Синмејки, заменик-градоначалник за урбана средина во Хелсинки.
Заедно со потесните ленти за возење, Хелсинки исто така има изградено десетици кружници и т.н. „лежечки полицајци“ уште од 90-тите за да ја намалат брзината.
Пошироката слика низ Европа покажува голема разлика во безбедноста на патиштата. Од 2015 до 2017 година, просечниот број на смртни случаи на градските патишта во Велика Британија бил 10,9 на еден милион луѓе. Норвешка имала најмал просек од 5,3 додека во Финска изнесувал 16,9. Земјите со најголеми стапки на смртни случаи во градски сообраќај биле Романија со 105,2, Хрватска со 87,9 и Србија со 73,8.
Сепак, целта не е постигната. Иако двата града не регистрираа ниту една жртва меѓу пешаците во 2019 година, во Хелсинки тројца возачи загинаа во сообраќајни несреќи минатата година, додека во Осло смртно страдаше еден возач, како и еден пешак годинава.
Во Норвешка, исто така, се обрнува внимание на едукацијата за безбедност на патиштата во училиштата и справување на потежок тест за возење.
– Со години наназад, системот за едукација на возачите се фокусираше во голема мера на безбедноста на патиштата. И исто така, строги регулативи и правила за патишта кои ја даваат приоритетната безбедност, можеби повеќе овде отколку во многу други земји – вели Хермстад.
Стин смета дека фокусот врз едукацијата придонел за подобрување на состојбата.
– Лесно е да се оградуваш од проблеми, но е потешко луѓето да разберат дека тоа е важно и на тој начин ќе бидат приморани да дејствуваат на посигурен начин. Не велам дека успеавме да ја постигнеме таа цел, но тоа е една од работите на кои се фокусиравме во Норвешка и веројатно е една од причините зошто ситуацијата се подобрува – заклучува Стин.