Трамп изјави дека „мисијата е извршена“, но никогаш вистински не дефинира каква беше целта на оваа најнова воена кампања на САД помогната од сојузниците, Британија и Франција
Пред извесно време, претседателот на САД Доналд Трамп напиша на Твитер: „Голем број жртви, вклучувајќи жени и деца, имаше во безумниот хемиски напад во Сирија. Претседателот Путин, Русија и Иран се виновни за поддршката на животното Асад. Скапо ќе платат за тоа“.
Но иако вербалните закани беа презентирани во голем обем, на теренот не се случи така. Западните воздушни напади на Сирија беа внимателно ограничени, со избегнување на руските војници и капацитети. Се чини дека тие направија многу малку, речиси ништо, со што би го вознемириле сирискиот претседател Башар ал Асад. Со нападите, чија цел беше да го наведат Асад да се фокусира на воена пресметка со своите противници со конвенционално оружје, западните сили не ја демонстрираа својата сила, туку својата претпазливост.
Ваквата претпазливата воена кампања не ги спречи соработниците и поддржувачи на Трамп, кои се залагаа за воената опција, односно т.н. „јастреби“, да ја пласираат сопствената интерпретација на настаните во врска со нападите во Сирија.
Така, сенаторот Том Котон на 13 април тврдеше дека со ова Трамп всушност ги предупредил Иран и Северна Кореја. На пример тој во својата изјава за јавноста истакна дека „касапот од Дамаск научи две лекции, и тоа на потешкиот начин: оружјето за масовно уништување нема да ви создаде воена предност откако САД ќе завршат со вас, а Русија не е способна да ги заштити своите клиенти од САД. Претседателот Трамп треба да продолжи со нападите ако Асад не ги научи овие лекции, а иранските ајатоласи и Ким Јонг-ун можеби ќе посакаат да ги научат своите лекции на полесниот начин. Им благодариме на нашите стари британски и француски пријатели што повторно ни се придружија во одбраната на цивилизираниот свет“.
Но дали сега излегува дека искажаните вербални изјави како закана беа многу пожестоки од ракетирањето?
Многу воени аналитичари деновиве истакнуваат дека голема е веројатноста дека ниту Северна Кореја ниту пак Иран, нема да бидат премногу импресионирани од западната интервенција. Па дури и претседателот на Сирија, Асад. Лимитираната природа на нападите упатува на фактот дека претседателот на САД Трамп, но пред сѐ секретарот за одбрана Џејмс Матис, имаат „мал апетит за сериозни непријателства што би можеле да ескалираат во поширока војна“. Засега, токму Матис, а не советникот за национална безбедност Џон Болтон, е тој што го има последниот збор кај Трамп. За целото време, Матис јасно покажа дека нема никаква намера да предизвика потенцијална трета светска војна со Русија. Матис истакна:
„Сакам да нагласам дека овие напади се насочени кон сирискиот режим. Ние сме многу внимателни во избегнувањето цивилни и надворешни жртви“.
Истовремено, претседателот на САД објави дека „мисијата е извршена“, но според аналитичарите, тој никогаш вистински не ја дефинира целта на мисијата, освен казнувањето на Асад. Овој пат вокабуларот што го користеше Трамп е изваден директно од „речникот“ на Џорџ Буш Постариот и на Џорџ Буш Помладиот, имено терминологија што беше користена во пресрет на кампањите против Ирак. Ваквата „морализација“ е дел од една подолга историја на американската демонизација на странските непријатели, која често ги поткопуваше сопствените надворешнополитички цели.
Како што забележа Џорџ Ф. Кенан во весникот „Надворешна политика“ во 1985 година:
„Американските државници на крајот од дваесеттиот век беа претерано ситничави и моралистички настроени во своите процени за активностите на владите на другите земји. Овој пристап најверојатно ги оддалечи од строгите услови на политичкиот реализам и предизвика нивните изјави и акции, колку и да беа импресивни за домашната политичка јавност, да ја изгубат својата ефикасност на меѓународната сцена“. Доследен на својата страст за ненадејни и хаотични потези во надворешната политика, Трамп без постапност почна да ја „подбуцнува“ Русија во своите твитови: „Биди на штрек,Русија, затоа што тие (ракетите) ќе ти дојдат, убави, нови и паметни!“
Настрана од неговиот јазик на „училиштен фалбаџија“, се чини дека неговите постапки се диктирани од екстремна емоционалност. Тој користеше мошне емотивно-убедувачка семантика во своето непосредно обраќање кон нацијата, во врска со наредбата за напад на Сирија.
Според Трамп, „каква е таа нација што сака да биде поврзана со масовни убиства на недолжни мажи, жени и деца? Светските нации може да бидат проценувани врз основа на тоа колку пријатели ќе сочуваат. Ниедна нација не може да биде успешна на долги патеки со промовирање држави-престапнички, брутални тирани и крволочни диктатори“.
Поаѓајќи од уверувањето и искажувањето на Трамп, „вистина е дека руското и иранското промовирање на Асад – беше успешно“. Нивното влијание во Сирија го достигна својот врв, за голема жал на Израел.
Но процената на низа западни политички и воени аналитичари е дека „нападите на западните земји имаа повеќе врска со драматургија отколку со воена стратегија“.
Ова веројатно и не би требало да биде некое големо изненадување. Сепак, претседателот на САД веднаш по нападот напиша на Твитер: „Нападот на Сирија беше толку совршено изведен, со таква прецизност, што единствениот начин за негово понижување од страна на машинеријата за лажни вести беше спомнувањето на мојот израз ’мисијата е извршена’. Знаев дека ќе се ’уловат’ на него, но сметав дека тоа е прекрасен воен израз, кој треба да се врати во употреба. И да се користи често!“
Сепак, деновиве често беше поставувано, меѓутоа и неодговорено, прашањето од насловот – каква всушност беше мисијата на САД за Сирија.