Италија е една од земјите-основачки на ЕУ, но пандемијата ги натера нејзините граѓани да ја загубат довербата во блокот, кој бавно реагираше. Дури 42 отсто од Италијанците сега велат оти би ја напуштиле ЕУ, покажува една анкета
Кога ковид-19 дојде во Европа, Италија прва беше погодена, и тоа многу. Таа доби мала помош од нејзините европски соседи во првите недели од февруари и март, кога болниците на северот беа пренатрупани. Во Италија, која има над 31.000 жртви од ковид-19, загриженоста се зголемува и поради економскиот пад, но и поради значително намалената доверба на граѓаните во ЕУ.
Договорот од Рим ја основа тогашната Европска економска заедница во 1957 година, со Италија како основачка членка. Според анкета на 1.000 Италијанци спроведена во април, 42 отсто од испитаниците рекле дека би ја напуштиле ЕУ, што е зголемување за 26 отсто во однос на во ноември 2018 година. Сепак, една четвртина од нив велат дека се подготвени да останат во ЕУ ако таа одобри конкретни мерки за Италија.
Земјата очекува економски пад од осум отсто годинава, според Владата на Џузепе Конте. Прогнозите велат оти овој пад ќе го зголеми јавниот долг на земјата на речиси 156 отсто од БДП, пренесува Би-би-си.
Кога изби кризата, Конте побара создавање корона-обврзници, поддржани од сите членки на еврозоната, со кои би се споделил товарот на економското закрепнување. Но само по неколку дена Германија и Холандија го отфрлија предлогот, што не помина добро во Италија. Критичарите велат дека премиерот бил понижен од ЕУ. Професорот по економија Карло Алтомонте смета дека тоа била тактика на Конте за да му ја затворат вратата во ЕУ, зашто знаел дека такво нешто е спротивно на договорите на ЕУ и на германскиот устав.
На 18 март, Европската централна банка (ЕЦБ) почна програма да купува обврзници од 750 милијарди евра за да им помогне на позадолжените земји на еврозоната со намалувањето на трошоците за позајмување. Два дена подоцна, Европската комисија објави суспензија на правилата за јавни дефицити, со што им дозволува на земјите да издвојат колку пари им се потребни во нивните економии. Потоа, на 8 април, еврогрупата на министрите за финансии во еврозоната се согласи на планот за спасување од 540 милијарди евра, кој вклучуваше 200 милијарди евра во кредити за компаниите, обезбедени од Европската инвестициска банка, 100 милијарди евра заеми за поддршка на шеми за привремена невработеност и 240 милијарди евра во кредити обезбедени од Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ) за финансирање на здравствените системи на еврозоната.
Политичката дебата во Италија главно се фокусира на последниот дел од пакетот. Непопуларниот ЕСМ е меѓувладин фонд за спасување, кој обезбеди заеми за Грција и некои други земји од ЕУ за време на финансиската криза, а датира од 2012 година. Според еврогрупата, заемите ќе имаат каматни стапки од 0,1 отсто, но парите ќе бидат искористени само „за поддршка на домашното финансирање директна и индиректна здравствена заштита, лекување и трошоци поврзани со превенцијата, како резултат на корона-кризата“.
Италија би можела да позајми до 37 милијарди евра од ЕСМ, но сепак треба да одлучи дали да побара заем. Двете партии што ја сочинуваат коалициската влада на технократот Конте честопати имаа спротивставени ставови за многу европски прашања, па така и за задолжувањето преку ЕСМ.
– Парламентот ќе одлучи дали Италија да го активира ЕСМ – вели Конте.
Главниот приговор е од ултрадесничарската партија Лига, која претходно беше во Владата, но сега е во опозиција.
– ЕСМ не е подарок, тоа се позајмени пари, кои треба да се вратат според прецизни услови избрани во Брисел, а не во Италија. Ние мора да ја реосноваме ЕУ на нови принципи и да се вратиме на контролата врз производството на пари. Треба да печатиме пари – порача нејзиниот лидер Матео Салвини.
Иако Лигата сè уште е најголемата партија во Италија, нејзината популарност се намалува во изминатите два месеци. Лигата владее со два клучни региони во северот на Италија, индустриската централа Ломбардија и Венето на североисток. Тие беа првите региони што забележаа случаи на ковид-19, па постапувањето на партијата за време на кризата го привлече сето внимание.
Салвини се чини ја губи поддршка, но неговиот ривал во партијата, гувернерот на Венето, Лука Заја, станува сè попопуларен.
– Двајцата се евроскептици, но Заја е одговорен за управување со оваа криза во неговиот регион и тој добро се справува со тоа. За разлика од тоа, Салвини ја претставува опозицијата на национално ниво, неговата критика кон Владата не е привлечна за народот во моментот – оценува професорот Пјеро Игнази.
Додека Заја почна со масовни тестирања на целото население во регионот, Атилио Фонтана, гувернер на Ломбардија и близок сојузник на Салвини, избра да не ја спроведува истата стратегија. Според неодамнешните истражувања објавени во медицинското списание „Лансет“, стапката на смртност кај заразените во Венето е 6,4 отсто, додека во Ломбардија е дури 18,3 отсто.
Прашањето сега е дали ЕУ може да понуди повеќе. Стапката на вработеност во Италија, една од најниските во еврозоната, во март се намали на 58,8 отсто, додека во февруари беше 58,9 отсто.
– Не сум симпатизерка на Лигата, но Европа докажува уште еднаш дека е бескорисна, затоа треба да ја напуштиме ЕУ – вели Валентина Роси од Рим.
Италија сега бара од ЕУ план за спас што не се сведува само на заеми. Европскиот парламент бара фонд за економско закрепнување во висина од 2.000 милијарди евра во буџетот на ЕУ, а се очекува наскоро Европската комисија да даде предлози. Голем дел од наредниот буџет се однесува на кохезијата, чија цел е да се намали големиот јаз во богатството меѓу земјите-членки на ЕУ. Но постојат силни поделби меѓу членките, а една од најголемите се однесува на прашањето дали земјите треба да добијат грантови или само заеми. План заснован на грантови би значел победа на Конте и би можел да направи драматична разлика за Италијанците, кои уште не се решени дали да се збогуваат со ЕУ.