Италијанските пристаништа ќе бидат затворени цело лето за бродовите на невладините организации кои им помагаат на мигрантите во Средоземното Море, соопшти денеска министерот за внатрешни работи на Италија Матео Салвини.
– Невладините организации ќе ја гледаат Италија само на разгледници- рече Салвини, кој исто така е вицепремиер и лидер на десничарската партија „Лига”.
– Пристаништата ќе бидат затворени цело лето – рече тој и појасни дека забраната се однесува не само за обезбедување пристап до пристаништата, туку и за снабдувањето на бродовите на НВО со гориво.
– Како што споделуваат со мене италијанските војници, а исто така и Либијците, невладините организации свесно или не, им помагаат на шверцерите- истакна Салвини.
Тој појасни дека Италија „ќе продолжи да ги спасува сите кои треба да бидат спасени, заедно со земјите кои се вистински држави”.
Италијанскиот министер за внатрешни работи изрази задоволство од резултатите што ги постигна Владата на Самитот на ЕУ во Брисел за прашањата поврзани со миграцијата.