Ирска денес официјално се извини за скандалот со домовите за невенчани мајки во кои починале 9.000 деца во периодот помеѓу 1922 и 1998 година.
– Државата ве напушти – рече ирскиот премиер Михаел Мартин пред парламентот, еден ден по објавувањето на долгоочекуваниот извештај.
Извештајот ја потенцира прекумерната смртност во овие институции во сопственост на Католичката црква и државата и општата неприфатливост на општеството да се раѓаат вонбрачни деца, кои тогаш ги сметале за незаконски.
– Се извинувам што направивме голема неправда кон ирските мајки и нивните деца во овие домови – рече премиерот.
По петгодишна истрага, комисија утврди дека починале 9.000 деца или 15 проценти од 57.000 деца што поминале низ тие институции за 76 години.
– Стапката на смртност на деца родени надвор од брак е речиси двојно поголема во тие домови отколку на други места – истакна премиерот.
Домовите прифаќале девојчиња и млади жени што биле отфрлени од своите семејства и повеќето од нив немале други опции, се вели во извештајот.
Извештајот, кој вклучува 18 таканаречени домови за мајки и деца, каде што младите бремени жени биле изолирани од општеството со децении, е последниот во низата владини документи што откриваат некои од најмрачните акти на Католичката црква.