Папата Франциск ја започна тридневната посета во Ирак, која е и негова прва меѓународна посета од почетокот на пандемијата. Поглаварот на Римокатоличката црква кој беше вакциниран во средината на јануари, реши да не ги разочара христијаните во Ирак, како што тоа го направија неговите претходници, пишува „Њујорк тајмс“.
Мерките и безбедносните стравувања ја прават оваа посета најризична досега, но 84-годишниот папа инсистираше дека „има должност кон ирачките христијани“. За време на посетата, папата ќе го обезбедува персонал од 10.000 безбедносни лица додека тој посетува неколку градови во Ирак и одржува религиски дијалози со претставници на шиитските муслимани од земјата.
– Оваа посета е должност кон земја која се мачи толку многу години. Ирачките христијани не смеат да бидат разочарани по втор пат – изјави папата Франциск.
Папата Јован Павле Втори ги откажа плановите за патување во 1999 година, кога прекинаа разговорите со владата на тогашниот претседател на Ирак, Садам Хусеин. Бенедикт Шеснаесетти исто така беше поканет, но не можеше да замине поради војната. Ирачкиот претседател, Бархам Салих, го покани Франциск во јули 2019 година, надевајќи се дека тоа ќе ѝ помогне на земјата да заздрави по долгогодишните конфликти.
Папата Франциск реши да го исполни ветувањето на неговите претходници за посета на една од најстарите христијански заедници во светот, која го прифати христијанството во првиот век од нашата ера.
Поглаварот на Римокатоличката црква со неговата посета има за цел да ги охрабри прогонетите христијани и да повика на мир, меѓурелигиска толеранција и разбирање на средбите со политичките и другите верски водачи на Ирак. Папата официјално ќе биде пречекан од претседателот Бархам Салих, курдски политичар кој претходно се сретна со Франциск во Рим и стави приоритет на малцинските права во земјата.
В сабота, Франциск ќе го посети Наџаф, најсветиот град за шиитите во Ирак. Таму тој ќе се сретне со големиот ајатолах Али ал-Систани, 90-годишниот религиозен муслимански свештеник. Потоа следуваат меѓурелигискиот состанок во рамнината на Ур, за кој се смета дека била дом на Авраам, патријархот на јудаизмот, христијанството и исламот.
В недела, папата треба да лета за Ербил, автономниот регион на ирачки Курдистан, кој беше цел на ракетни напади изминативе неколку дена. По средбата со службените лица таму, папата ќе замине со хеликоптер кон Мосул, кој беше уништен од војната и од окупацијата на Исламска држава на Ирак.
Меѓу ирачките христијани расте стравот дека низата антички христијански градови низ северен Ирак го губат традиционалниот христијански карактер и дека нивната вера е во опасност во земјата која е предоминантно муслиманска. Христијанските лидери проценуваат дека во Ирак денес има помалку од 250.000 христијани, главно во Ниневиската рамнина и регионот Курдистан на северот на земјата. Ви минатото, нивниот број изнесувал околу 1,5 милиони, но војната, немирите, како и окупацијата од Исламската Држава го свела овој број преку убивање, прогони и притисок за конвертирање. Посетата на папата за христијаните во Ирак значи сведоштво и сочувствување за нивните страдања.
Судир на малцинствата во Бартела
Бартела е еден од најпознатите христијански градови во Ниневиската рамнина, каде што христијаните сè уште зборуваат варијација на арамејскиот јазик, односно јазикот на кој говорел Исус.
Христијаните во градот бројат помалку од 3.000 во град со 18.000 жители. Но, во Бартела, има демографски пресврт. Поголемиот дел од населението припаѓа на друго ирачко малцинство, Шабак, мала етничко-јазична група која води сопствена борба за признавање во земјата. Главно, проблемот настанува поради немањето пристап до место за живеење.
Иако тие се шиитски муслимани, тие исто така долго страдаа во борбата да ја зачуваат својата култура. Несогласувањето честопати се сведуваат на натпревар во кој малцинствата се обидуваат да докажат кој повеќе страдал во земјата разурната од долгогодишни конфликти и војни.
– Поради загриженост дека христијаните ќе бидат потиснати од стариот христијански град, ирачката влада им додели овластување да одобруваат градежни проекти и продажба на земјиште на црковните службеници. Но, црквата ја искористи таа моќ за да ја запре изградбата на проекти што би „привлекле“ повеќе шабаки и други луѓе од нехристијанска вера. Градежен проект што требаше да вклучува домови, трговски и спортски центар, сега е напуштен – пишува „Њујорк тајмс“.
Проектот беше запрен од црквата. Луѓе од другите области ќе ги купат овие куќи, од Мосул и од Багдад. Тоа го отвора патот за демографски промени, вели свештеникот Банам Лало.