Иран планира да го тужи американскиот претседател Доналд Трамп за убиството на командантот на елитната иранска единица Кудс, генерал Касем Сулејмани, соопшти денеска претседателот на иранскиот Врховен суд, Ебрахим Раиси.
Тој рече дека одговорните за злосторството ќе бидат гонети, објави руската агенција „Тасс“, повикувајќи се на информации од иранската „Фарс“.
– Треба да го назначиме американскиот претседател за главен обвинет – додал Раиси истакнувајќи дека Трамп мора да биде осуден на меѓународно ниво.
Тензиите на Блискиот исток ескалираа по американскиот воздушен напад во близина на аеродромот во Багдад на 3 јануари, во кој беше убиен Сулејмани.
Како одмазда, Иран истрела проектили кон ирачките бази Аин Ал Асад и Ирбил, каде се сместени американски сили.