Техеран се придржуваше кон договореното во нуклеарниот договор, и покрај повлекувањето на САД, се додека Иран не го соопшти ставот дека ќе престане да почитува одредени делови од спогодбата, според заклучокот на најновиот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија, објавува Си-ен-ен.
И не беше Иран, туку САД се тие кои еднострано се повлекоа од договорот пред една година, на големо вчудоневидување од страна на другите потписници – Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина.
Вашингтон, а не Техеран, го започна процесот на пропаѓањето на договорот, во ситуација додека САД можат да ја искористат одлуката на Иран за прекин на почитување на делови од нуклеарниот договор, како доказ дека спогодбата претставува мртво слово на хартија.
Од минатата година, САД наметнаа сакнции за Иран, што уште повеќе ја искомпликува ситуацијата за Техеран и нивната можност да продаваат нафта. Токму сакнциите предизвикаа пад на вредноста на валутата, а со тоа и сериозно го отежнаа животот на обичните луѓе во земјата.
Важно е и тоа што Иран не може да се спореди со Ирак на Садам Хусеин од 2003 година, кој тогаш веќе не беше светска воена сила. Иран е регионална суперсила, земја со повеќе од 80 милиони жители, што и покрај децениските санкции, успеа да развие занчителна индустриска и научна инфраструктура, а го зголеми и влијанието во регионот со поддршката за нивните сојузници во Ирак, Сирија, Либан и донекаде во Јемен.
И покрај сите овие констатации, Белата куќа го гледа Иран како фактор за дестабилизација на Блискиот Исток и како смртна закана за американските трупи стационирани во овој дел на светот. Минатиот месец, администрацијата на Трамп ја прогласи Револуционерната гарда на земјата како странска терористичка организација, етикета која за првпат беше доделена за една организација која е дел од некоја странска влада.
Сепак, иранската војска не може да се споредува со онаа на САД. Според Холи Дагрес од Атлантскиот Совет, армијата на Иран има релативно застарено оружје, несоодветно обучена војска и балистички ракети кои главно се копии на оние од Северна Кореја.
– Тешко е да се замисли дека иранската армија е толку способна како што многумина мислат – констатира Дагрес.
Сепак, сојузниците од регионот, конретно Хезболах во Либан, ја покажаа нивната смелост во услови на војна. Во 2006 година, Израел влезе во конфликт со вооружените сили на организацијата, опремени и обучени од иранската армија, со намера лесно да ги совлада, што не се случи. Израелските сили не можеа да напредуваат, и евентуално беа принудени да се повлечат без да ги остварат нивните цели.
Во 1980 година, тогашниот претседател на Ирак, Садам Хусеин, го нападна Иран со поддршка од САД, со надеж дека Исламската Република, во време на пост-револуционерни немири, лесно ќе колабира, што исто така не се случи. Патриотизмот на Иранците излезе на виделина, а Ирак осум години потоа остана во една многу брутална и тешка војна.
И за крај секако, низ иранска територија поминува околку една петтина од светските количества на нафта. Секое прекинување на течението на нафтата од војна, па дури и зголемени тензии, може да предизвика драстичен раст на цената на „црното злато“ и сериозно да ја поремети светската економија.
Покрај сите овие чувствителни моменти, Вашингтон изгледа убеден да продолжи со сопствената агенда, можеби како дел од визијата на новиот голем план за го реорганизира Блискиот Исток.