Иран е против турска воена акција во Сирија, порача иранскиот Министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф. Во телефонски разговор со турскиот Министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, Зариф повика на „почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Сирија“, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.
Зариф и Чавушоглу разговарале синоќа откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги остава оние што се вклучени во сирискиот конфликт сами да ја решат ситуацијата.
– Турција, Европа, Сирија, Иран, Ирак, Русија и Курдите сега ќе мора сами да ја решат ситуацијата и да утврдат што ќе прават со припадниците на Исламска држава, фатени во нивната околина – рече Трамп.
Тоа е прва реакција на Трамп откако Белата куќа најави повлекување на американските трупи, отворајќи го патот за турската воена офанзива против Курдите.