Амбасадорот на Иран, Сејјид Мохаммад Јавад Расули, ексклузивно за „Нова Македонија“
Сѐ додека не се обнови целосното и безусловно спроведување на Нуклеарниот договор од страна на САД и другите договорни страни, Исламска Република Иран ќе ја продолжи својата мировна нуклеарна програма само врз основа на потребите и одлуките на Владата и во рамките на своите обврски за заштита „ИАЕА Сафегуардс“, вели амбасадорот Расули
По информациите во светските медиуми поврзани со извештајот на телата на Обединетите нации дека Иран со забрзано темпо започнува да збогатува ураниум повеќе од дозволеното во меѓународните договори, „Нова Македонија“ побара одговор од прва рака за овие случувања од највисоките дипломатски претставници на Техеран. Во ексклузивен разговор за нашиот весник, амбасадорот на Иран, Сејјид Мохаммад Јавад Расули, кој е лоциран во Софија, но е акредитиран и во Македонија, говори на овие теми од иранска перспектива и дава одговори на големите светски случувања што се актуелни во овој момент.
На прашањето дали се точни наодите на ООН дека Иран со забрзано темпо збогатува ураниум повеќе од дозволеното, Расули истакнува дека сите програми и нуклеарни активности на неговата држава се во целосна согласност со програма НПТ и со обврските на Иран за заштита на протоколот „ИАЕА Сафегуардс“, а сето тоа истовремено се одвива со претходна најава и под надзор на Меѓународна агенција за атомска енергија (МААЕ).
– И редуктивните и компензаторски мерки на Иран во врска со Нуклеарниот договор се во склоп на самиот договор и како што е објавено неколкупати, тие мерки се преземени како одговор на наглото прекршување на договорот и резолуцијата 2231 од страна на САД и нецелосното почитување на обврските од договорот на другите страни, особено трите европски земји – вели амбасадорот.
Според дипломатот, очигледно е дека сѐ додека не се обнови целосното и безусловно спроведување на Нуклеарниот договор од страна на САД и другите договорни страни, Исламска Република Иран ќе ја продолжи својата мировна нуклеарна програма само врз основа на потребите и одлуките на Владата и во рамките на своите обврски за заштита „ИАЕА Сафегуардс“.
– Одлуката за производство на ураниум до 60-процентно збогатување е донесена според закон одобрен од иранскиот парламент, со цел да се заштитат интересите на луѓето, што има значителни ефекти врз подобрувањето на квалитетот и квантитетот на радиофармацевтските производи произведени во Иран. Од тука 60 проценти збогатен ураниум е еден од главните елементи во производството на супстанцијата наречена молибден, која е суровина за производство на многу радиофармацевтски производи – вели Расули.
Амбасадорот додава дека поради фактот што Иран значителен дел од потребниот молибден го увезува од странство и како резултат на саботажата и повторени прекршувања на договорите од странските партнери и наметнувањето санкции, со цел спречување на внесувањето на оваа супстанција, но и на други радиофармацевтски средства што се користат во 196 центри за нуклеарна медицина во државата, беше одлучено дека земјата, со цел да ги надмине пречките и ограничувањата создадени за развојот на нејзините мирољубиви нуклеарни активности, треба да преземе серија мерки за збогатување на ураниумот до 60 проценти.
– Потенцирајќи ги повторно цивилната и мировна природа на нуклеарната програма на Исламска Република Иран, треба да се подвлече дека ако другите страни се вратат на своите обврски во согласност со нуклеарниот договор, како и Вашингтон, целосно, ефикасно и вистинито ги отстранат едностраните и незаконски санкции против иранскиот народ, сите редуктивни и компензаторски мерки на Иран поврзани со договорот ќе бидат реверзибилни – заклучува во својата изјава амбасадорот Расули, специјално за „Нова Македонија“.