Компанијата за финансиски услуги „Капитал уан“ во понеделникот соопшти дека личните податоци, вклучувајќи имиња и адреси, на речиси 100 милиони лица во САД и 6 милиони лица во Канада биле украдени од хакерка, која подоцна бил уапсена.
Осомничената 33-годишна поранешна инженерка во технолошка компанија во Сиетл, идентификувана како Пејџ Томпсон, првпат се појави пред судот во понеделникот, соопштија од канцеларијата на американскиот јавен обвинител.
Според жалбата поднесена во судот, Томпсон објавила информација од својот сајбер-напад, кој се случил помеѓу 12 март и 17 јули, на платформата за кодирање „Гит хаб“. Друг корисник ја видел објавата и ја известил компанијата за прекршокот.
Властите успеале да ја најдат Томпсон бидејќи страницата на која ги објавила податоците го содржела нејзиното целосно име како дел од нејзината дигитална адреса, се вели во жалбата. „Капитал уан“ соопшти дека нападот бил откриен на 19 јули.
Мотивот на Томпсон засега е непознат.
Инцидентот се очекува да чини меѓу 100 и 150 милиони американски долари во 2019 година, главно поради известувањата на клиентите, мониторингот на состојбата и правната поддршка, соопштија од компанијата.
Томпсон не добила пристап до броеви на банкарските сметки, но биле компромитирани околу 140.000 броеви за социјално осигурување и 80.000 поврзани броеви на банкарски сметки.
Компромитирани биле и околу 1 милион броеви за социјално осигурување на канадските клиенти на компанијата.
Томпсон добила пристап до податоците преку погрешно конфигуриран заштитен ѕид, соопштија од канцеларијата на американскиот јавен обвинител.