Свет
Договорена новата германска влада на чело со социјалдемократите
Нов германски канцелар и официјално ќе биде социјалдемократот Олаф Шолц, откако коалицијата на левиот центар позната како „Семафор коалиција“ постигна договор за нова влада. Според пишувањата на медиумите, главни приоритети во политиките на новиот канцелар Шолц ќе му бидат модернизација на земјата, префрлување на зелени извори на енергија, зајакнување на ЕУ, справувањето со пандемијата, но и поддршка на процесот на пристапување во Унијата на шесте земји од регионот на Западен Балкан, меѓу кои е и Македонија. Како што пренесува РСЕ во коалицискиот договор на Социјалдемократската партија, Зелените и Слободните демократи, меѓу другото, се наведува и дека партиите што ќе ја формираат новата германска влада најдоцна до Божиќ, го поддржуваат отворањето на преговорите за пристапување на Македонија и на Албанија во ЕУ.
– Го поддржуваме процесот на пристапување во ЕУ на шесте земји од регионот на Западен Балкан и неопходните реформи за исполнување на сите критериуми од Копенхаген. Во овој контекст, го зајакнуваме граѓанското општество и поддржуваме понатамошни чекори кон пристапување во ЕУ – стои во програмата на канцеларот Шолц. Во параграфот што се однесува на Западен Балкан се додава дека „следно мора да биде отворањето на првите поглавја во пристапните преговори со Албанија и со Македонија“.
Инаку, германските социјалдемократи, зелените и либералите ставија крај на 16-годишната ера на владеење на канцеларката Ангела Меркел. Трите партии никогаш не формирале германска влада заедно.
Од засега познатото, мандатар на новата влада со сигурност ќе биде 63-годишниот Шолц, кој во германската јавност е оценет како државник со голема владина одговорност. Од 2018 г. Олаф Шолц е министер за финансии во кабинетот на Меркел, како и вицепремиер во Владата на широката коалиција на СПД и партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ. Во 2019 година Олаф Шолц сакаше да стане претседател на СПД. Но на конгресот, според гласовите од членството, загуби од двоецот Заскија Ескен и Норберт Валтер, кои ветија дека политички ќе го свртат СПД кон лево.
Во однос на надворешната политика, „Дојче веле“ за новиот канцелар пишува дека тој се залага за континуитет. Повеќе анализи на регионалните медиуми говорат дека тој одлично го познава Балканот, иако, според некои пишувања, тој лично не допатувал во официјална посета на некоја од земјите. Соработката со САД и со НАТО останува како една од неговите основни принципи, пренесува АП.
Интересно е што многу години карикирано го викаа Шолцомат, игра на зборови од Шолц и автомат. Поимот прв го употреби неделникот „Цајт“ во 2003 година, бидејќи тогашниот генерален секретар на партијата дејствувал како машина, кога тогашната реформа на пазарот на трудот позната како Харц, ја бранеше во повеќе наврати со технократски објаснувања.
Засега сѐ уште не се соопштуваат имињата на идните министри, кои ќе бидат познати во наредните денови. Се чини, сепак, многу веројатно дека Одделот за финансии ќе го води либералниот Кристијан Линднер, Одделот за економија од „лидерот на Зелените Роберт Хабек, а нова шефица на дипломатијата ќе биде Аналена Бербок, кандидатка за канцелар на Зелените.
Предлог-буџетот причина за експресниот пад на владата на Андерсон
Првата жена премиер на Шведска по седум часа на функцијата поднесе оставка
Неколку часа откако во вторникот беше избрана за премиерка на Шведска, Магдалена Андерсон поднесе оставка затоа што парламентот не го поддржа владиниот предлог буџет, а коалицискиот партнер Зелени ја напушти малцинската влада.
– Не сакам да водам влада чиј легитимитет може да биде доведен во прашање – рече Андерсон на прес-конференција. Таа го информира претседателот на парламентот, Андерас Норлен, дека сѐ уште е заинтересирана да води еднопартиска социјалдемократска влада. Во меѓувреме, претседателот на шведскиот парламент, Андреас Норлен, изјави дека ја прифатил оставката на Андерсон и дека деновиве по разговорите со партиските лидери ќе ги објави натамошните чекори. Предлог-буџетот на Владата беше отфрлен во корист на предлогот на опозицијата, вклучувајќи ги и десничарските демократи. Зелените соопштија дека се подготвени повторно да го поддржат Андерсон на новото гласање за избор на премиерот. Усвоениот буџет се базира на владиниот предлог, но од 74 милијарди круни (8,2 милијарди долари) што Владата сакаше да ги потроши за реформи, нешто повеќе од 20 милијарди круни ќе бидат прераспределени следната година. Буџетот има цел да ги намали даноците, да ги зголеми платите на полицајците и да ги зголеми трошоците за различни сектори на шведскиот правосуден систем.
Голема несреќа во рудник за јаглен во Русија
Десетина загинати и околу педесет заробени рудари под земја во Сибир
Најмалку 11 луѓе загинаа, а 43 се повредени во експлозија предизвикана од пожар во рудник за јаглен во регионот Кемерово во Сибир, додека 49 рудари сѐ уште се заробени под земја, соопштија руските власти. Како што пренесуваат руските новински агенции, повикувајќи се на соопштение на Министерството за вонредни состојби, во тек е сѐ уште спасувачката операција во рудникот. Од она што засега е објавено, од рудникот во изминатото деноноќие биле извлечени вкупно 237 лица, а за околу педесетина сѐ уште се трага во рудникот. Засега не се знае точно каде се заробените рудари, ниту пак причината за несреќата. Прес-службата на гувернерот на Кемеровската Област преку телеграма во текот на изминатиот ден соопшти дека во болница се префрлени 43 лица, меѓу кои две лица во тешка состојба. Според новинските извештаи, кои се повикуваат на извори од Министерството за вонредни состојби, во вторникот попладнето околу 9 часот по локално време било пријавено дека излегува чад од рудникот „Листвјанзај“. Веднаш потоа, како што информира службата на гувернерот Цивилев, на местото на несреќата биле испратени 11 специјализирани спасувачки екипи, вклучувајќи и еден хеликоптер. До затворањето на весникот операцијата за извлекување на рударите сѐ уште беше во тек.