Поранешниот пакистански крикет играч Имран Кан прогласи победа на изборите во Пакистан и најави дека доаѓа времето на „нов Пакистан“.
– Му благодарам на Господ за победата и за постигнатиот успех – изјави Кан.
Кан е еден од најпознатите пакистански крикет играчи и во 1992 година и помогна на неговата држава да го освои Светскиот крикет куп. Од 2013 година е пратеник во пакистанскиот Парламент, преку неговата партија Движење за правда.
Неговата партија освои 119 од 270 пратенички места за кои се гласаше вчера. Во Парламентот треба да се пополнат и загарантираните места за жени и етнички малцинства, по што ќе се знае дали Кан има доволно гласови за самиот да ја формира идната влада или ќе мора да формира коалициска влада.
Поразената Пакистанска муслиманска лига, која освои 61 пратеничко место, го оспори исходот од изборите. Партијата протестира против апсењето на нејзиниот поранешен водач Наваз Шариф.
Изборите минаа во знак на насилство и терористички напади и се стравува дека политичките тензии ќе продолжат и во следниот мандат.