Илјадници лица денеска учествуваа во демонстрациите во центарот на Барселона по повод националниот празник на Шпанија, за да покажат дека се против сепаратистичките каталонски лидери, кои пред една година ја доведоа автономната област на раб на отцепување.
Со развиорени шпански национални знамиња и со извици „Да живее Шпанија!” околу 65.000 демонстранти, според локалната полиција (300.000 според организаторите) минаа низ централниот булевар до плоштадот „Каталонија”.
– Дојдовме, не само да го покажеме нашето чувство за припадност кон Шпанија, туку и да инсистираме на единството, единството на Шпанија и каталонското општество, кое се повеќе се дели, рече 21-годишниот студент Кристијан Родригез.
Населението од овој регион, вкупно 7,5 милиони, е подеднакво поделено на поддржувачи и противници на независноста.
П оддржувачите на единство на регионот со Шпанија беа мобилизирани откако поранешната каталонска влада на чело со Карлос Пуџдемон организираше референдум за самоопределување на 1 октомври 2017 година, кој беше прогласен од Мадрид за нелегален.
Тогашната шпанската влада, предводена од конзервативецот Маријано Рахој, го стави регионот под директна контрола, го распушти парламентот во Барселона, ја разреши регионалната влада и повика на нови избори, но застапниците на независноста го задржаа владејачкото мнозинство.
Случајот против сепаратистичките водачи, предводници на бунтот треба да започне во јануари следната година. Ако бидат осудени, каталонските политичари може да добијат 25 години затвор.