Израелскиот парламент го номинира досегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху да формира нова коалициска влада, што ќе биде негов петти мандат по повеќе од една година политичка пат-позиција.
Кандидатурата на Нетанјаху е поддржана од 72 од вкупно 120 пратеници во Кнесет кога парламентот усвои предлог-закон со кој се прифаќа договорот за поделба на власта меѓу неговата десничарска партија Ликуд и партијата Сино и бело на неговиот центристички ривал Бени Ганц, се наведува во заедничкото соопштение на двете партии.
Номинацијата на Нетанјаху е проследена до претседателот Рувен Ривлин.
Нетанјаху и Ганц, кои се натпреваруваа на дури три избори од април 2019 година, а кои не дадоа сигурен победник, планираат свечено да ја преземат власта в среда.
По нивниот договор, Нетанјаху ќе биде премиер 18 месеци по што Ганц ќе ја преземе должноста.
Ганц долго време се спротивставуваше на тоа да му биде партнер на Нетанјаху, кој е обвинет за корупција.
Минатиот месец, сепак, се премисли сметајќи дека е неопходно да се формира влада на национално единство со цел земјата бргу да се справи со економската штета од пандемијата на коронавирусот.
Нивната коалиција доби зелено светло и од Врховниот суд, кој во средата ги отфрли тужбите на опозицијата и активистите и пресуди дека Нетанјаху може да формира нова влада иако е обвинет за мито, измама и кршење на довербата.
Нетанјаху (70) ги отфрла сите обвиненија во очекување на судењето, кое треба да почне на 24 мај.