Политико

Американската влада откри дека во последните две години, Израел најверојатно поставил уреди за следење на мобилните телефони во близина на Белата куќа и други важни локации во Вашингтон, како што велат три поранешни високи американски владини претставници. За разлика од други наврати кога флагрантни инциденти на странско шпионирање биле откриени на американско тло, администрацијата на Трамп не ја искритикува израелската влада и немаше никакви последици по израелските постапки.

Минијатурните шпионски уреди познати како „Стингреј“ ги крадат фреквенциите на телекомуникациските кули, па на тој начин од мобилните телефони ја следат локацијата и личните информации, а можат да пресретнуваат содржини на повици. Целта на уредите била да се шпионира претседателот Доналд Трамп, како и неговите највисоки и најблиски соработници, иако не е познато дали израелските обиди вродиле со плод.

Во јавноста се знае дека претседателот Трамп не се придржува строго до безбедносните протоколи во Белата куќа. „Политико“ во 2018 година пренесе дека претседателот користи недоволно безбедна телефонска линија за да разговара со пријателите и блиските. „Њујорк тајмс“ истата година откри дека „Кинезите честопати му ги прислушуваат разговорите на Трамп“.

Министерството за внатрешна безбедност ги откри доказите за шпионските уреди, но не можеше да го утврди нивното потекло. Во истрагата за случајот беа вклучени ФБИ и другите безбедносни агенции и заклучија дека врвни израелски агенти ги поставиле уредите. Во форензичката анализа на деловите од уредите било утврдено потеклото, производството и пристапот до нив. Во истрагата бирото имало помош од НСА и од ЦИА.

Портпаролот на израелската амбасада, Елад Стромајер, негираше дека Израел ги поставил уредите и порача дека „ваквите обвиненија се измислица и дека државата не извршува шпионски операции во САД“. Американската администрација не даде коментари на прашањата што ја засегаат безбедноста и разузнавањето, како и ФБИ и тајните служби. Иако безбедносните агенции откриле дека Израел стори зад поставувањето на шпионските уреди, сепак владата не презела никакви мерки. Еден поранешен висок разузнавач ја критикуваше администрацијата токму поради молчењето, а стандардната процедура вклучува демарш и осуда.

Странските влади, покрај пресретнувањето на повиците на високите функционери, што се смета за вреден разузнавачки материјал, честопати ги следат и нивните најблиски соработници. Па така, покрај самиот телефон на Трамп, големи се шансите да биле прислушувани и Стив Вин, Шон Хенити и Руди Џулијани. Во друг круг за шпионирање би спаѓале пријателите и неофицијалните советници на Трамп. Информациите што би се добиле од овие луѓе „би бил од огромна вредност“. Поранешен разузнавач вели дека „Израелците се прилично агресивни и дека ќе сторат сè во нивна моќ за да ја заштитат безбедноста на државата“.

Иако Трамп има блиски односи со израелските премиер Бенјамин Нетанјаху и направи безброј политички потези во корист на израелската влада, како што е преместувањето на американската амбасада во Ерусалим, повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор и наметнувањето на тешки санкции врз Иран, Израел е главниот осомничен за поставувањето на шпионските уреди. Ваквите уреди се прилично скапи, така што постојат малку држави кои имаат буџет да ги набават.

Од друга страна израелски претставници истакнуваат дека во разговорите со нивните американски колеги, САД редовно ги шпионираат израелските лидери.

Подготвила: Билјана Здравковска