Во последниве неколку месеци, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, испраќаше многу позитивни сигнали кон Каиро, што укажува на желбата на Анкара за нормализирање на односите помеѓу двете големи муслимански држави. Имено, Турција сѐ уште гледа на Египет со уважување и поради нивната долга заедничка историја во рамките на Отоманската Империја. Се разбира, не со намера да ја покори (тоа е невозможно, двете држави се еднакво големи и воено моќни), туку во смисла дека заедно може да постигнат многу повеќе во однос на своите политички цели одошто кога „се гледаат преку нишанот“. Доколку успеат во тоа, политиката на „европските миротворци“ (не само во однос на либиското прашање) несомнено би била значително отежната
Свет: Актуелни преструктурирања во исламските земји
На 3 јули, токму пред еден месец, египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси отвори нова воена база во Средоземно Море. Таа е лоцирана 255 километри западно од Александрија и во близината на границата со Либија. Симболиката со датумот на отворање е повеќе од очигледна, исто како и самото име на воената база – „База 3 јули“. Имено, токму на тој ден во 2013 година, египетската војска, на чело со нејзиниот тогашен маршал а сегашен претседател Абдел Фатах ал Сиси, го симна од власт легитимно избраниот, а сега веќе покоен, претседател Мохамед Морси, чијшто главен „грев“ беше што се наоѓаше на чело на тогаш сѐ уште законската и влијателна панисламска организација „Муслимански браќа“ во Египет.
Оттука, датумот на отворање и самото име на новоотворената воена база испратија јасна порака за оваа исламистичка организација (која во меѓувреме, по доаѓањето на сегашниот претседател Ал Сиси, беше забранета и прогласена за терористичка), како и за сите главни египетски противници што ја поддржуваат, пред сѐ за Турција и за Катар. Секако, пораката се однесува на нивната вмешаност во соседна Либија, во која овие две држави ги поддржуваат спротивставените политички, а со тоа и воени сили, кои веќе цела деценија на водат граѓанска војна либиска почва. Привидно граѓанска, зашто е јасно дека зад неа се кријат интересите на моќни светски сили, пишува Зоран Метер во својата анализа за „Геополитика њуз“.
Меѓународните играчи покажаа слабост во однос на либискиот Гордиев јазол
Најдобра потврда за ова е и неодамнешниот неуспех на преговорите во Женева (28 јуни – 2 јули) помеѓу спротивставените страни и нивните надворешни спонзори. Во основа, овој неуспех создаде идеална можност за Египет да отвори воена база (која беше одамна планирана, но Египет долго време ја одлагаше, очекувајќи дека западните настојувања за решавање на либиското прашање ќе завршат во корист на Каиро и не сакајќи на Анкара да ѝ даде алиби за останување на нејзините воени инструктори во Триполи и деловите од земјата под египетски надзор). Со други зборови, Каиро изрази подготвеност за продолжување на конфликтот во Либија во моментот кога меѓународните играчи покажаа слабост во однос на неговото решавање.
Од голема важност е што на свеченото отворање на воената база пристигнаа претседателот на либискиот претседателски совет Мохамад ал-Манфи и престолонаследникот од Абу Даби (и де факто прв човек на ОАЕ), Мохамед бин Заед Ал Нахјан. Сите тие, се разбира заедно со Египет, на либиска територија го поддржуваат фелдмаршалот Калифа Хафтар, кој ја предводи Либиската национална војска (зад која стои истокот на земјата) и кој никогаш не успеа да го освои Триполи – главното упориште на неговите противници. Кога беше на чекор до таквиот успех, следуваше турската воена интервенција, со која се испрати итна воена помош за силите на тогашниот премиер на Владата за национален спас, Фајаз ал-Сарај, потпомогната од страна на Италија и Алжир (во меѓувреме, по почетните конференции и постигнатите договори во Женева, Ал-Сарај беше принуден да ја напушти должноста и се формира нова влада под меѓународно покровителство, која требаше да дејствува во насока на политичко решение за либискиот Гордиев јазол).
За време на отворањето на комбинираната воена база (пристаниште и авионски патеки), египетската војска таму изведе воена вежба со употреба на борбени хеликоптери и ловци, како и неколку неодамна набавени воени бродови, вклучувајќи две фрегати „бергамини“, корвета „говинд“, подморница од типот 209 и познатиот носач на хеликоптери „мистрал“ од француско производство. Два вакви хеликоптера порано нарачало руското министерство за одбрана, но под притисок на САД, поради тогашната кулминација на украинската криза, Франција беше принудена да ја стопира нивната испорака. Оваа постапка беше на граница да предизвика голем скандал и потенцијална руска тужба против Франција, но сѐ беше релативно брзо решено преку исплата на француски надомест за Русија, а „мистралите“ ѝ беа продадени на египетската војска – со благослов од Москва и од Париз.
Она што треба да се обележи е дека на гореспоменатата воена вежба, на која присуствуваа египетскиот претседател и неговите уважени гости, се изведе и операцијата „Десант“, чија намена е брзо обезбедување помош за силите на Калифа Хафтар.
Мировниот процес инициран од ЕУ западна во криза
Состојбата на статус кво, која во меѓувреме се создаде во Либија, во која ниту една од спротивставените страни не може да извојува победа, претставуваше главна причина за нивното учество во мировниот процес почнат од страна на ЕУ, претставена од Франција и Германија. Еден од главните услови на Париз беше итно повлекување на сите странски трупи од Либија, особено групите платеници, што сѐ уште не е сторено.
Сепак, Каиро покажа одредена подготвеност да го прифати предлогот на Унијата. Во однос на консултациите (формални и неформални), ова е особено видливо уште од април годинава, кога шефовите на египетските и турските разузнавачки служби се состануваа во Либија и Мароко.
Меѓутоа, овој дијалог не резултира со напредок, бидејќи на неодамнешните разговори во Женева, протурските претставници се обидоа да го минираат обидот на ЕУ за спроведување мировен процес.
Анкара ги надмудри Париз и Берлин
Либискиот разгранок на „Муслимански браќа“ предложи одложување на општите избори закажани за 24 декември, сугерирајќи прелиминарен „уставен референдум“. Тие понудија проширување на ингеренциите на сегашната привремена влада, на што остро се спротивставија преостанатите Либијци што учествуваа на состанокот, велејќи дека доколку биде усвоен овој предлог, тие ќе го напуштат состанокот. Значаен е фактот што, според алжирски извори, овој предлог бил даден од страна на Муад Манфук, исламистички делегат од Партијата за правда и развој, политичкото крило на „Муслимански браќа“ во Либија, широко поддржано од Анкара. За возврат на ова, противниците на исламистите, делегатите Саид Јакуби и Ахмед Шеркеси ги обвинија противниците на одржување на изборите дека „тежнеат кон неограничено ширење на привремената моќ, која е одраз на нивните интереси“.
Остри зборови на денот на отворањето на базата изрече и генералот Калифа Хафтар, кој изјави дека доколку не успее идејата за изборите, „тој повторно ќе го ослободи Триполи“.
Турција, пак, вешто ги торпедира повеќемесечните ангажмани на своите ривали од ЕУ (пред сѐ, Берлин и Париз) во однос на Либија. Јасно е и зошто. Имено, Анкара не е заинтересирана за овие либиски избори, бидејќи според сегашниот однос на сили во таа земја, тие ќе значат ослабување на нејзините позиции. Ова е сосема точна процена од страна на турското политичко раководство, на кое му е јасно дека протурските партии во Либија можат да обезбедат изборна победа единствено во Мисрата, град на околу 190 километри источно од Триполи, и дека, сходно на тоа, нема да имаат пресудно влијание врз политичката судбина на оваа земја. Поради тие причини, протурските сили не се повлекоа (што беше дел од барањата на Париз), а тоа беше поттик за египетскиот државен врв да отвори нова воена база и да испрати јасни пораки, изречени од устата на либискиот генерал Хафтар. Се разбира, зад Египет активно стои ОАР, како главен финансиер на силите на Хафтар, а ни руската поддршка не е за потценување.
Многу интересен е фактот (според алжирски извори) дека на последните консултации, шефовите на египетската и турската разузнавачка служба договарале како „на убав начин“ да ја одиграат претставата без европските тутори, а сѐ со цел за потиснување на „непотребните конкуренти од ЕУ“. Тоа значи дека крајна цел е работите на либиската територија да се „наместат“ на начин што ќе им олесни самите да си го разделат пленот. Си мислат: „Зошто ни се нам, во муслиманскиот свет, некаквиси европски посредници ако можеме сами да се договориме за сѐ?“
Оттука, египетското отворање воена база, кое беше одложувано поради интересите на ЕУ и вербата на Каиро дека Унијата ќе го реши конфликтот на задоволителен начин, можеби претставува најголема порака од Каиро, кое вака покажува скептицизам во однос на мировните залагања на Париз и Берлин, како и дека, во најдобар случај, овие обиди може да донесат само продолжение на пат-позицијата, која не е ништо друго освен парализа за Либија. Ова, пак, секако, може да генерира нестабилност, која никако не му одговара на Египет, со оглед на долгата западна граница со оваа држава.
Останува да се види дали Анкара и Каиро, во случај да почнат сами да го делат либискиот „колач“, би имале доволно сила за такво нешто – не воена, туку политичка (интересите на европските моќници таму се повеќе од големи, секако, поради огромните нафтени богатства), со оглед на нивото на меѓусебна недоверба, градена во текот на речиси цела една деценија, уште од соборувањето на Морси (голем пријател на Ердоган) од страна на Ал-Сиси. Сепак, факт е дека во последниве неколку месеци Ердоган испраќаше многу позитивни сигнали кон Каиро, што укажува на желбата на Анкара за нормализирање на односите помеѓу двете големи муслимански држави. Да не заборавиме дека Турција сѐ уште гледа на Египет со интерес и поради нивната долга заедничка историја во рамките на Отоманската Империја. Се разбира, не со намера да го покори (тоа е невозможно, двете држави се еднакво големи и воено моќни), туку во смисла дека заедно може да постигнат многу повеќе во однос на своите политички цели, одошто кога „се гледаат преку нишанот“. Доколку успеат во тоа, политиката на „европските миротворци“ (не само во однос на либиското прашање) несомнено би била значително отежната.
Од анализата на Зоран Метер за „Геополитика њуз“
Пресек на историјата на египетско-руската воена соработка
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен неодамна двојно ги критикуваше египетските државници: прво поради нивната намера да купат современо руско вооружување, пред сѐ авионот „су-35“, и второ поради „недостигот од демократија“ или, преведено на тамошниот јазик, претераниот прогон на симпатизерите на „Муслимански браќа“ – панисламската организација што во Египет беше прогласена за терористичка и забранета со закон.
Се разбира, Каиро не може да кокетира со некого што законски го прогласил за терорист и врз него да ја тестира својата демократија, без разлика што ќе каже Вашингтон.
Египетско-руската воена соработка има долга историја. Таа датира уште од времето на СССР, а Египет беше првата арапска држава што купуваше оружје од тогашниот главен американски глобален противник. Имено, во периодот 1956 – 1973, Египет беше најголем купувач на советско оружје на Блискиот Исток, за кое беа потрошени приближно три милијарди долари. Во Египет во тој период престојуваа дури 20.000 советски воени експерти.
Кон средината на 1970-тите, египетско-руските воени и политички контакти започнаа да се намалуваат, за во 1976 година Египет еднострано да се откаже од билатералниот договор за пријателство и соработка со Москва. По склучениот договор со Израел во Кемп Дејвид во 1978 година, претседателот Садат се обврза да престане да набавува руско оружје и да премине на американско, а сите врски со СССР беа практично уништени.
И сега, исто како и за време на Студената војна во минатиот век, американската глобална геополитика и интереси доста негативно влијаат врз развојот на руско-египетската соработка. Сепак, порано или подоцна, оваа соработка секогаш наоѓаше пат за реализација, а тоа го прави и сега, иако можеби не до оној степен што го посакуваат и можат овие две држави. Соработката со Москва му остава на Каиро поголем политички маневарски простор и му дава одредена „тежина“ во остварувањето на сопствените национални интереси во преговорите со Вашингтон. САД сигурно не би сакале да дојдат во ситуација од Египет – како важен блискоисточен партнер – да создадат американски непријател. Истовремено, Вашингтон мора да води сметка и за интересите на Израел, за кој соработката со Египет од Кемп Дејвид до денес остана едно од најважните надворешнополитички достигнувања и сѐ уште е од витално значење за оваа држава.