Според истражување на универзитетот „Џонс Хопкинс“, причината за ниската смртност и инфекции на африканскиот континент во однос на другите континенти се должи на досегашната ефикасна кампања на земјите во борбата против коронавирусот, но и релативно младото население, како и високите температури, кои го забавуваат ширењето
Таканаречениот црн континент, со население од над една милијарда жители, регистрира околу 1,5 милион случаи на коронавирус, а според податоците на универзитетот „Џонс Хопкинс“, овие бројки се многу пониски од оние во Европа, Азија или Северна и Јужна Америка. Според универзитетот, не е јасно зошто африканскиот континент е помалку инфициран, но и зошто Африка регистрира околу 37.000 смртни случаи во споредба со околу 580.000 во Северна и Јужна Америка, но и во однос со 230.000 во Европа и другите континенти. Ова во своја анализа го наведува британски Би-би-си, каде што посочува дека не само што во Африка случаите на инфекција се ниски туку таму тенденцијата на ширењето на опасниот вирус во моментов опаѓа. Во таа насока британскиот медиум запрашува кои се всушност причините за релативно ниската стапка на смртност од ковид-19 во Африка.
Брз одговор
Како што наведува Би-би-си, првиот случај на континентот беше потврден на 14 февруари во Египет, а поради стравовите за брзо ширење на вирусот, повеќето африкански влади веднаш презедоа драстични мерки. Некои земји, како Лесото, презедоа строги мерки дури пред да биде регистриран првиот случај, со воведување тринеделен карантин, затворање на училиштата на 18 март и прогласување вонредна состојба. Во тој контекст, само за неколку дена откако беше укинат карантинот на почетокот на мај, Лесото го регистрира првиот случај, но во земја со население од над два милиони жители, досега се регистрирани 1.700 заболени и околу 40 смртни случаи. Дополнително, во анкетата што ја спроведе институтот ПЕРК во 18 земји во август, јавната поддршка за безбедносните мерки општо на континентот беше висока, односно 85 отсто. Во извештајот се вели дека „со строгите општествени мерки за јавно здравје, африканските држави успеаја да го стават под контрола вирусот од март до мај. Малото олеснување на рестрикциите во јуни и во јули резултира со пораст на заразени на континентот. Оттогаш постојано се намалува бројот на регистрирани и смртни случаи во половина од земјите од Африка. Но воведувањето на мерките пак имаше своја цена, пишува британскиот медиум. Јужна Африка како резултат на карантините загуби 2,2 милиони работни места во првата половина од годината. Сè повеќе држави се принудени да ги отворат економиите, иако бројот на случаи е многу повисок од воведувањето на карантините.
Млада популација, помалку старски домови
Уште еден дополнителен факт што во Африка е низок бројот на смртните случаи и инфекции од коронавирусот, како што објавува медиумот, е возраста на населението. Имено, возраста на населението одигра голема улога во повеќето африкански земји во ограничувањето на ширењето на ковид-19. Светската здравствена организација (СЗО) порача дека „вирусот главно бил забележан кај помладите возрасни групи, односно околу 91 отсто од случаите во супсахарска Африка биле регистрирани кај населението под 60 години, а околу 80 отсто биле асимптоматски. Докторката Матшидисо Моети од СЗО за Африка вели дека само три отсто од населението во Африка се на возраст над 65 години, за разлика од Европа, каде што старите лица живеат во специјализирани домови што станаа жаришта на вирусот. Старските домови се реткост во повеќето африкански земји, каде што постарите лица обично живеат во руралните области каде што нема густа населеност и лесно се одржуваат мерките за физичко растојание. Исто така неразвиениот транспортен систем во и меѓу државите се покажа како предност. Во исто време едно истражување на Универзитетот во Мериленд во САД откри поврзаност меѓу температурите, влажноста на воздухот, локацијата и ширењето на ковид-19. Во него се вели дека вирусот полесно се шири на пониски температури и поголема влажност. Африканските земји што се надвор од тропскиот појас беа во полоша позиција. Ширењето на вирусот беше побрзо во Јужна Африка со настапувањето на зимата на јужната хемисфера, но со затоплувањето на времето, бројот на новозаболени драстично опадна, што влијаеше на целокупниот број, бидејќи токму во Јужна Африка беа регистрирани речиси половина од заразените и смртните случаи на континентот.
Добри здравствени системи во заедницата
Од друга страна, пандемијата на ковид-19 се случи во време кога Демократска Република Конго се бореше со најголемата епидемија на ебола. Соседните земји беа на штрек, а здравствениот скрининг за ебола на патниците беше проширен и за ковид-19. Неколку западноафрикански држави, кои се бореа со најлошата епидемија на ебола од 2013 до 2016 година, исто така ги совладаа мерките за заштита на јавното здравје, кои се користеа за спречување на коронавирусот, како што се изолација на заразените, следење на контактите и ставање во карантин додека не се изврши тестирање. Во Нигерија, која е најгусто населена држава во Африка, тимовите што беа испраќани во селата да ги вакцинираат децата против полио брзо добија нови задачи да ги едуцираат заедниците за новата пандемија. Иако болничката инфраструктура во поголемиот дел од Африка е помалку развиен од други делови од светот, сепак силата на континентот лежеше во веќе докажаните здравствени системи во заедниците. Но ова не значи дека Африка може да си дозволи да се опушти.